ДИРЕКТЕН УДАР ВРЗ МИРОТ Е СЕКОЈ ОБИД ЗА УКИНУВАЊЕ ЧЛЕНОВИ ОД ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ Опозициската ДУИ се закани со непоправливи последици од одлуката на Уставниот суд

Доколку Уставниот суд на 11 декември одлучи да ги уништи постигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа, предупредува ДУИ.

588

Уставниот суд одлучи на 11 декември да ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците, кој е еден од клучните столбови на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничката хармонија и секој обид за укинување на која било одредба од овој закон не е само правен чин, туку претставува директен удар врз стабилноста и мирот кои оваа земја ги изгради со многу жртви, предупреди опозициската Демократска унија за интеграција.

„Уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на поништување на албанскиот јазик на институционално ниво“, соопшти ДУИ.






Од партијата на Али Ахмети додаваат дека законот е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и е темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит.

„Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина. Демократската унија за интеграција го смета овој момент за клучна точка, каде секој чекор што има за цел да ја наруши оваа деликатна рамнотежа претставува премин преку Рубикон. Ако еднаш оваа линија се премине, нема враќање назад! Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи постигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа“, стои во соопштението.

Упатуваме апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да го спречат овој чин кој ја загрозува стабилноста на земјата и регионот, додаваат од партијата на Ахмети.

„Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана. Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме сè за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини