ДИПЛОМИТЕ ОД МЕДРЕСАТА „ИСА БЕГ“ ЌЕ БИДАТ ПРИЗНАТИ Верските училишта ќе се изедначат со гимназиите, учениците ќе полагаат државна матура
Учениците од верските училишта ќе имаат средно гимназиско образование, дополнето со верски предмети и на крајот ќе полагаат државна матура, за да можат да се запишат на кој било јавен и приватен факултет во земјата и во странство, соопшти Вреди.
Владата вчера го усвои предлог-законот за средни училишта на верските заедници, што е исклучително важен чекор со кој конечно се решава долгогодишното и чувствително прашање за учениците од верските училишта во Македонија, а особено за учениците од медресата „Иса Бег“ во Кондово, соопти денеска коалицијата Вреди, која ова го оценува како историски ден и за образованието и за верниците.
„Овој закон овозможува дипломите од медресата „Иса Бег“ и од другите верски училишта да бидат признати и целосно изедначени со оние од кое било друго средно училиште во земјата. По неколку децении тивка дискриминација и недостаток на достојна застапеност, денес овие ученици добиваат целосни права како и секој друг граѓанин. Со овој закон, учениците од ова училиште ќе имаат средно гимназиско образование, дополнето со верски предмети, додека на крајот од своето образование ќе полагаат државна матура, за да можат да се запишат на кој било јавен и приватен факултет во земјата и во странство“, соопшти Вреди.
Ова не е само технички чекор, се додава во соопштението, туку е исполнување на моралната обврска и почит кон верата и знаењето што произлегуваат од нашата политичка и животна посветеност.
„Со овој чекор ја обновуваме нашата верба во државата, гарантирајќи дека верските средни училишта се составен и почитуван дел од образовниот систем. Вреди не манипулира со религиозните чувства. Ние ја почитуваме секуларната држава, но ги признаваме и почитуваме и религиозните права на секој граѓанин. Овој закон е јасен доказ за нашата посветеност на правдата, еднаквоста и почитувањето на културната и религиозната разновидност. Ова не е само закон, туку е доказ за моќта на нашите вредности, гаранција дека ниедна вера, ниедно чувство и ниедна заедница никогаш повеќе нема да останат во сенка“, соопшти коалицијата.
Во минатото, додава Вреди, ова прашање беше политички злоупотребено од оние кои 20 години го негираа вистинското решение, залажувајќи ги граѓаните со лажни акредитации и градејќи непотребни бариери за нашата младина.
„Денес, благодарение на силната волја и посветеност на Вреди, им велиме „доста“ на неправдите и ја носиме промената што ја заслужуваме. Им се заблагодаруваме на сите што помогнаа во овој процес: на премиерот Христијан Мицковски, со кого се договоривме заеднички да го спроведеме овој процес, на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој го следеше овој процес во секој чекор, на министерката за образование и наука Весна Јаневска, за нејзината коректност и конструктивен пристап кон подготовката на овој закон, а посебна благодарност до заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, кој беше ангажиран од Вреди за овој предлог-закон. Откако помина во Владата, законот оди во Собрание. Ги повикувам сите пратеници да го поддржат и да докажат дека се за еднакви образовни права за сите граѓани. Да продолжиме заедно кон поправедно и посветло општество“, се вели во соопштениетона Вреди.