Илија Димовски, поранешен пратеник на Фејсбук порача дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да предложи свој кандидат за потпретседател на Собранието.
„Доколку сме сериозна партија која има намера да опстои на своите принципиелни критики, ВМРО-ДПМНЕ во знак на прифаќање на критиката на јавноста за непотребно големиот број на потпретседатели, сама треба да се откаже од тоа место кое и следува и дополнително,
да ги повика сите партии кои си направиле пазар за овие функции да го сторат истото’“, пишува Димовски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели, а тоа предизвика реакции во јавноста. Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски реагира дека за ваквиот предлог нема ниту причина, ниту економска оправданост потсетувајќи дека во времето имало тројца потпретседатели.
Во образложението на предлогот, Џафери, пак, повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.