ДИМОВСКИ РЕФЕРИРА ЗА ПАСОШОТ НА ОНИШЧЕНКО ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ Шефот на АНБ рече дека ќе презентира класифицирани документи

Димовски најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата.

139

Затворена е за јавност денешната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби, на која реферира директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски за случајот со даденото македонско државјанство на украинскиот граѓанин Олександар Онишченко. Пред седницата Димовски побара таа да биде затворена за јавност, затоа што, како што рече, има намера да изнесе информации и документи кои се од класифициран карактер, што беше прифатено од пет пратеници членови на Комисијата.

На седницата може да присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносен сертификат и се очекува таа да продолжи по дадената куса пауза.






Димовски најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство за него ја донела Владата, откако добила позитивно мислење од сите надлежни институции.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во телевизиско интервју изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО. Според него, ако се покаже дека станува збор за системски пропуст мора да има одговорност и случајот докрај да се разреши.

Поврзани содржини