ДИМОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА БИЛЕ ПРИСЛУШКУВАНИ ПОЛИТИЧАРИ И НОВИНАРИ Побиени се лагите на СДСМ, обвини ВМРО-ДПМНЕ
Понатаму во интервјуто, поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски не негира дека биле следени медиуми, туку оди дури до таму што признава дека новинарот Љупчо Златев бил предмет на обработка, соопшти ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи го интервјуто на Димовски за медиумот 360 степени.
Виктор Димовски, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност призна дека за време на неговиот мандат во време на владеење на СДСМ, биле следени и прислушкувани луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, тврди ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Во продолжение го пренесуваме целиот текст на партиското соопштение:
„Во интервју за медиум, Димовски беше прашан дали ВМРО-ДПМНЕ беше таргет на АНБ, при што призна дека тогаш било период неколку изборни циклуси и повикувајќи се на членството во НАТО, имале обврска да направат процена за следење при вакви настани.
– Поаѓајќи од обврските што ги имавме со членството во НАТО алијансата имавме обврска, секогаш при важни настани кои се случуваа во земјата, имавме тука неколку циклуси избори. Исто така, имавме обврска и во поглед на размена на информации со партнерски служби, да правиме проценка во поглед на загрозување на безбедносните состојби во пресрет на случувања на вакви значајни настани – отворено призна Димовски.
Димовски исто, му ја поби тезата на СДСМ која ја пласираат денови, и призна дека во таканаречените ‘делчевски ниви’ нема ништо и дека тоа не било предмет на работа на агенцијата.
Понатаму во интервјуто, Димовски не негира дека биле следени медиуми, туку оди дури до таму што признава дека новинарот Љупчо Златев биле предмет на обработка.
– Можам да се сетам само за еден новинар којшто беше пријавен од страна на агенцијата заради објавување на класифицирани документи – додавајќи дека новинарот Златев бил и соодветно процесуиран.
Со сето ова поранешниот директор на АНБ од СДСМ, Димовски ги призна тезите на ВМРО-ДПМНЕ дека во време на нивна власт, биле следени и прислушкувани луѓе членови на партијата, меѓу кои и претседателот Христијан Мицкоски, како и новинари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.