Директорката на Националната агенција за европски образовни програми Лидија Димова на денешната прес конференција рече дека информациите кои беа пласирани во јавноста во врска со доделените грантови изминатиов период се тотално замајување на јавноста.
– Парите се делат по програма која ја утврдува Брисел, ние добиваме прирачник во кој се дадени сите правила како се оценуваат проектите и како се даваат парите. Станува збор за давање на грант, поточно на повеќе грантови, но не на фризерница, туку на претпријатието В.Е.З ТРЕЈД, а Зоран Златковски е сопственик пред чија продавница се направија многу монтажи, а последната е дека јас со него се наоѓам пред неа. Дури и тоа да беше фризерница, во Еразмус програмата има простор за сите, во минатото сме давале такви грантови и тоа не е ништо спорно. Другата манипулација е дека директорката е таа која ги дава парите, а тоа тотално е неточно. Ние сме на еднакво ниво како и државите членки на ЕУ и ги применуваме нивните правила – изјави Димова.