Димковски: Откупот и извозот на јагниња се интензивира, брашно има
Министерот за земјоделие најави интервенции од државата за сточарите кои ќе одлучат да го прошират стадото со неоткупените јагниња и мерки за покривање на загубите на сточарите.
Извозот на јагнешко тече со намален интензитет, но откупот се одвива интензивно. Пролетната сеидба е почната и треба да продолжи, а залихи од прехранбени производи има во доволни количини, изјави денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Тој информира дека поради состојбите со коронавирусот во Италија како најголем пазар за пласман на македонското јагне извозот се одвива забавено, но се прават напори за надминување на состојбата преку договори со нови пазари како Блискиот Исток, каде што се купува јагне со повисока килажа.
– Министерстото за надворешни работи заедно со колегите од другите земји работи на овозможување непречен транспорт на стоки и очекуваме транспортот на јагнешко да се одвива непречено. Имаме побарувачка од традиционалните партнери за јагнето, но бараме и други пазари. Сметам дека откупот и извозот ќе биде непречен – рече Димковски.
Тој најави интервенции од државата за сточарите кои ќе одлучат да го прошират стадото со неоткупените јагниња и најави мерки за покривање на загубите на сточарите.
Димковски апелираше земјоделците да ја продолжат пролетната сеидба.
– Пролетната сеидба треба да продолжи, но земјодлеците да се придржуваат на препораките и заштитните мерки. Земјодлеските аптеки работат и набавка на сточна храна се одвива непречено, исто и репроматеријали, саден материјал, семе и ѓубрива – рече Димковски.
Тој информира дека се затворени сточните пазари, а зелените пазари работат непречено.
– На зелени пазари продажбата оди и натаму, но треба да се почитуваат препораките за растојание, хигиена и разумно купување – рече тој.
Како што рече министерот, веќе се договара и извоз на зеленчук, бидејќи транспортот се нормализира.
Димковски потсети дека има забрана за извоз на пченица и брашно, но како што рече, Србија ја симнала забраната за извоз на овие производи под притисок на тамошните бизнисмени и нема да има проблем ако се случи недостиг.
– Имаме доволни количини на залихи во стоковите резерви и во млиновите како на пченица, така и на брашно и сѐ уште не се размислува за интервентен увоз на пченица и брашно – рече Димковски.
Тој соопшти дека од вчера почнал и откупот на млеко од Дебар.
– На дневна основа се преземаат 1.800 литри млеко од Дебар. Преземени се сите заштитни мерки и откупот на млеко веќе се одвива непречено – рече тој.
Димковски рече и дека се прават напори со ЕУ за дополнително одлагање за аплицирање на ИПАРД2 повикот.