ОБНОВЕНО Димков: Вељаноски професионално го водеше Собранието и треба да биде пример за другите
Тоа што го покажа Трајко Вељаноски во стручно и професионално водење на Собранието треба да биде пример и за другите - одговори Димков на прашање на адвокатот Еленко Миланов дали Вељаноски го прекршил Деловникот.
Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Димков, на денешното рочиште за предметот за организаторите на настаните во парламентот на 27 април 2017 година, сведочеше дека не присуствувал на состанок во Собранието на кој се разговарало за насилство, ниту пак имал информација за такво нешто.
Дали сте присуствувале на седница на Собранието која била прекината, а од една точка на дневниот ред без да биде исцрпена расправата се преминало на друга, праша адвокатот на обвинетите.
Димков на тоа одговори дека не се случило такво нешто.
– Искрено да ви кажам дека почесно и поделовничко водење на Собранието немало. Тоа што го покажа Трајко Вељаноски во стручно и професионално водење на Собранието треба да биде пример и за другите – одговори Димков на прашање на адвокатот Еленко Миланов дали Вељаноски го прекршил Деловникот.
Димков одговори негативно и на прашањата дали добивал инструкции и пораки од обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристевски да го мобилизира членството и да тргнат кон Скопје.
– Ние учествувавме како поддршка на граѓаните кои тоа го бараат од нас. Партијата не беше вмешана во тоа – рече Димков на прашање поврзано со протестите на „За заедничка Македонија“.
Судијата го праша Димков дали членовите на ВМРО-ДПМНЕ и членовите на општинските комитети добивале инструкции за активности поврзани со протестите. Димков одговори дека тие имале состаноци, но не во насока на насилни протести и дека секој индивидуално одлучувал за своето учество или поддршка на протестите.
– Кога јас бев претседател, општинската организација во Штип броеше 8.000 членови. – рече Димков додавајќи дека тоа огромно членство никој не го оранизирал за на протести.
Ние како партија не организиравме ништо. Присуството на протестите беше личен став, рече Димков.
Дека во партијата немало никаква одлука за присуство или поддршка на протестите на „За заедничка Македонија“ сведочеше и пратеникот Крсто Јовановски.
– Мене никој не ми кажал што да правам или каде да одам, ниту, пак, сум присуствувал на состанок на општинските комитети – рече Јовановски.
Искази, дека Вељаноски не го прекршил собранискиот Деловник, дадоа сите пратеници од минатиот состав ма ВМРО-ДПМНЕ кои Вељаноски ги предложи како сведоци
Тој вупно предложи 15 пратеници, а на денешното рочиште беа дојдени Никола Мицевски, Драган Данев, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Благица Ласоска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов и Иван Стоилковиќ.
За протестите на „За заедничка Македонија“ Никола Мицевски рече дека партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ немале донесено некаков став за ова движење ниту, пак, му се налагало на членството да оди на протести, но дека имало многу реакции на граѓаните со оглед на настаните и излегувањето во јавност на т.н. тиранска платформа.
– До мене како пратеник доаѓаа реакции од многу граѓани, загрижени, кои почнаа самостојно да се организираат и да одржуваат протести низ градовите. Јас лично имам учествувано на тие протести во Штип од каде што сум пратеник. Бев изненаден од масовноста и шареноликоста на тие настани, зборувам за Штип каде што ги познавам луѓето лично, присуствуваа не само членови на ВМРО-ДПМНЕ туку и членови на СДСМ и аполитички граѓани – додаде Мицевски.
Случајот „27 април“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.