ДИМИТРОВСКА МОРА ВЕДНАШ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Само така ќе се спаси ДКСК, порачува поранешната прва антикорупционерка Ивановска
На прашањето дали случајот со акетуелнаата претседателка на ДКСК Татјана Димитровска го подрива кредибилитетот на ДКСК, поранешната претседателка Билјана Ивановска вели дека со ова несомнено им се нанел тежок удар на општеството, граѓаните и институцијата, пред сè, но дека не е момент да се седи со вкрстени раце.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата зашто сè уште ја инфицира институцијата.
Ова го порача поранешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска откако актуелната претседателка на ДКСК минатата недела се најде на листата на осомничени во случајот „Адитив“ поради оддавање службени тајни на друг обвинет во случајот.
– Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти – изјави Ивановска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борба со корупцијата.
На прашањето дали случајот со Димитровска го подрива кредибилитетот на ДКСК, Ивановска вели дека со ова несомнено им се нанел тежок удар на општеството, граѓаните и институцијата, пред сè, но дека не е момент да се седи со вкрстени раце.
Според Ивановска, на потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.
– Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроцена на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат итн – рече експретседателката на ДКСК.
Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, минатата недела се најде на листата на осомничени со која Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата за случајот „Адитив“ кој однесува на криминал во државната ЕСМ тежок 6,5 милиони евра.
Димитровска е осомничена дека му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.