Димитров: Околу 200 Македонци ќе пристигнат утринава преку Деве Баир
Во текот на вчерашниот ден имало две ударни точки, едната била хрватстко-српската граница, а другата била унгарско-српската граница.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на денешната прес-конференција го кажа точниот број на македонски граѓани кои се „заглавени“ или затечени на различни меѓугранични премини, како и активностите кои се превземаат за македонските граѓани кои се затечени во други држави и нивното враќање во татковината.
Во текот на вчерашниот ден имало две ударни точки, едната била хрватстко-српската граница, а другата била унгарско-српската граница.
– Денеска ни е актуелна втората каде што има околу 200 македонски граѓани, а во комуникација со Романија и Бугарија успеавме да ги извлечеме и најверојатно ќе дојдат на преминот Деве Баир во раните утрински часови – рече Димитров.
Поради тоа што разговарале за ова на седница на Влада, тој упати апел „Ве молам немојте да патувате“.
– Македонски граѓани што утре ќе одлучат да одат некаде, сосема е неизвесно кога ќе може да се вратат. Крајно е непредвидлива ситуацијата, од час во час се менува, а државите носат свои одлуки да затвораат граници, аеродроми и потоа е тешко да се вратите – истакна министерот.
Димитров исто така упати апел до македонските државјани кои имаат регулиран престој во друга држава, кои што имаат и дома надвор од дома, поради тоа што во овој кризен период да не се упатуваат кон својата татковина. Тоа значи да ги следат упатставата и мерките на тамошните влади, а според него нивен прв приоритет се оние граѓани кои не се во татковината, немаат друга дома и се затечени на аеродроми, гранични премини и слично, па поради тоа ќе направат се што можат за тие да се вратат во земјата.
– Ќе си ги вратиме сите граѓани дома, но упатувам апел до сите што се во земјава да не патуваат, сè е неизвесно. Време е да седиме дома, да бидеме храбри да бидеме смирени – рече Димитров.