Димитров: Не отстапуваме од европеизација, ниту од правото на самоопределување

527

За жал, најверојатно, оваа недела нема да има пробив за ние, како Македонци кои зборуваат македонски јазик, да почнеме пристапен процес што ќе ни ја европеизира нашата држава. Ние сме апсолутно заинтересирани за Европската Унија и од агендата на европеизација не остапуваме и никогаш нема да дигнеме раце, но истата таа Европска Унија подрзабира како суштинска темелна вредност почитување на јазичните, културните различности на сите европски народи, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Прашањето за проширување утре, рече ќе биде како точка на информирање и министерот за европски прашања на Германија, Михаел Рот, кој ќе го води состанокот, веројатно ќе се осврне на нивните напори за проширувањето.






Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, Димитров рече дека очекува оти  ЕУ ќе најде сили сите земји членки да ги убеди, како што рече. да бидат на линија на вредностите на ЕУ. Земјите членки подджуваат и добивме зелено светло во март за почеток на пристапни преговори, а во прашање е, рече, и вкупната политика кон Балканот. Нагласи дека нема подрастичен случај од македонскиот, затоа што имавме билатерални прашања, чекавме нова методологија врз која ќе се разработи преговарачка рамка, а  сега имаме и ваков предизвик.

Прашан за коментар за изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеи дека треба да излеземе во пресрет на очекувањата од Бугарија, Димитров одговори дека европските комесари, меѓу другото, се и чувари и промотори на европските вредности и дека тоа, како што рече, доста го слушавме и во излагањето на Вархеи при неговиот избор во Европскиот парлмент.

– Во таа смисла, според мене лично, ова беше асиметричен повик, за прашање што е јасно дека не е дел од Копенхашките критериуми, за прашање што е наша работа, македонскиот јазик е во срцето на нашиот суверенитет,  нашето изразување како македонски народ е наша работа. За едно вакво прашања мислам дека во најмала рака повикот требаше да биде упатен кон двете земји, и кон земјата членка. Оваа битка не е само македонска, туку е и европска битка. Секогаш кога еден суштински важен, темелен и кристално јасно принцип на ЕУ е под знак прашање, секое молчење ја прави ЕУ послаба, бидејќи ЕУ не е само заеднички пазар, туку е и заедница на вредности – рече Димитров.

Вицепремиерот истакна дека за македонскиот идентитет ниту оваа, ниту некоја идна влада ќе може да преговара, зашто идентитетот е внатрешна работа и е чувство и не е резултат на политичка одлука, туку на историски  процес. Меѓу државите има извесни правила на комуникација, додаде тој, и според правилата што денес важат во Европа –  кои сме ние како народ и каков јазик зборуваме е наша работа.

– Ако зборуваме за доброседство и за пријателство, овој чин – да го отвориме ова прашање, од друга држава, не е инвестиција во едно такво пријателство – рече Димитров.

Според него, во првите години од потпишувањето на Договорот со Бугарија имало подобра атмосфера и придобивка во контекст на македонско-бугарското пријателство. Toj се надева дека Софија, како што рече, ќе препознае дека овој чекор дури и тоа го доведува во прашање, притоа подвлекувајќи дека во македонската јавност има огромно обединување околу ова прашање.

За Преспанскиот договор рече дека бил возможен токму затоа што македонскиот идентитет излегол недопрен во тој процес и уште повеќе што Грција, како што рече, со тој договор го прифатила нашето право на самоопределување.

Во однос на барањата од бугарска страна, Димитров посочи дека историчарите немаат мандат да зборуваат за овие прашања, дека не можеме да бидеме одговорни ако понекогаш другата страна има, како што рече, ирацонални ставови.

– Но тоа не значи дека не треба да разговараме. Нашата позиција е на кристално јасен принцип и ќе се соочиме како возрасни со проблемот, а не со логиката „Калимеро – нема правда“, и ќе ја убедуваме другата страна дека позицијата и е нереална – додаде Димитров.

– Голем дел од прашањата што ги отвори Бугарија во последните месеци излегуваат од Договорот за пријателство. Дури и самата блокада го крши член 2, односно обврската на соседна Бугарија да ни помага во нашите напори да се зачлениме во Унијата – истакна вицепремиерот,  според кого има и контрадикции и недоследности од бугарска страна затоа што се повикуваат на Преспанскиот договор, а зошто, рече, да зборуваме за македонскот јазик кога е наведен во член 1 од тој Договор.

 

Поврзани содржини