Важно е што Европската комисија (ЕК) зазеде принципиелна позиција во однос на прашањето на јазикот. Од анализите на Министерството за надворешни работи, македонски јазик во документ на ЕК последен пат е спомнат во 2005 година, рече шефот на димпломатијата Никола Димитров.
– Околу рамката важно е што ЕК зазеде принципиелна позиција. Од анализите што ги направивме ние во МНР, македонски јазик во документ на ЕК последен пат е спомнат во 2005 година врз основа на нашата апликација и одговорот на прашалникот. Имаме цели 15 години и затоа е важно што ЕК врз основа на завршувањето на процесот во ОН и финализирањето на личната карта на земјата излезе непосредно потоа и по стапувањето во сила на Преспанскиот договор со меѓуинституционално упатство во смисла на името и терминологиите каде македонскиот јазик е македонски јазик и многу е важно што во дијалогот сега меѓу земјите членки, почетната позиција е принципиелна. Ние ќе настојуваме со соседна Бугарија да ги водиме работите така за да бидеме успешни и во смисла на европските интеграции, и во смисла на прашање што не може да биде отворено во Европа во 2020 година. Македонскиот јазик е наша работа, тој е израз на нашето право на самоопределување и не можеме да зборуваме за европски интеграции ако ова е предизвик, како што не можеме да зборуваме и за вистинско пријателство кое претставува меѓусебна почит – рече Димитров денеска одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на проектот „Преспа форум“.
Втората фаза од процесот на преговори по претствувањето на предлог преговарачката рамка од страна на ЕУ, посочи тој, продолжува со дебата меѓу земјите членки која ќе почне следната недела, а во овој контекст важно е вклучувањето на новата методологија. Очекувањата се, како што рече Димитров, и според кажаното од неговиот германски колега Хајко Мас, со голема поддршка на германското претседателство, првата меѓувладина седница да се одржи за време на претседавањето на Германија, а во контекст и на Берлинскиот процес и Самитот кој со заедничко копретседавање со Софија треба да се одржи во октомври или во ноември.
Во однос на МКД и МК кодот и најавите за проблематизирање за неговата примена од страна на Грција, Димитров рече дека тоа е прашање кое е дел од балансот на Преспанскиот договор.
– Балансот на сите елемнти во Преспанскиот договор беше постигнат во долг процес на преговорање и конструкцијата на договорот е таква што менување на еден елемент значи оддалечување од тешко постигнатата рамнотежа. Согласно конечната спогодба сите елементи се задолжителни за двете страни и употребата на МКД или МК е задолжителна за сите употреби освен за табличките на автомобилите. Таа одредба не остава простор за поинакво толкување – рече Димитров.
Преспанскиот договор ги затвора сите прашања освен за трговските марски, интелектуалната сопственост и брендовите за кои остава тие да се решат со заеднички договорено решение.
Работата на комисиите на С. Македонија и Грција вклучително и околу преминот Маркова нога е одложена поради пандемијата, но се очекува да се забрзаат работите штом се нормализираат условите за работа. Според анализите на нашата комисија, целата работа за ставање во функција на овој премин може да се заврши за 1,5 година до две.