ДИМИТРИЕВСКИ ЗА ТРЕТ МАНДАТ ВО КУМАНОВО, ЛАБУДОВИЌ ЗА ЦЕНТАР Советнички листи во над 50 општини, одлучи ЗНАМ
Засега утврдивме кандидати за градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово и во најзначајната општина во Скопје, тоа е општината Центар. Процесот на аналитика и проверка за други општини сè уште е отворен и не ја исклучуваме можноста ЗНАМ да има кандидати за градоначаници и во други општини - рече портпаролот Мемов.
Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски и официјално е кандидат за нов градоначалнички мандат во Куманово, а за Центар партијата го предложи Мирослав Лабудовиќ, заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини.
На вечерашната седница на Извршниот одбор и на Централниот одбор е одлучено ЗНАМ да настапи самостојно на претстојните локални избори со свои советнички листи во повеќе од 50 општини.
– Движењето ЗНАМ – За наша Македонија започнува ново поглавје во своето политички делување. Нашите претставници во локалната самоуправа покажаа како вистински се управува со општините – изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Зад нас се месеци исполнети со динамична работа на терен, додаде тој.
– Успешно ги реализиравме двете кампањи низ целата држава, преку кои илјадници граѓани ни ја доверија својата визија за подобар живот во своите општини. Наша обврска и задача е таа визија да ја претвориме во конкретни програми и проекти за претстојните локални избори – рече тој.
ЦО на ЗНАМ одлучи и за взаемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници.
– Оваа одлука значи дека ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и во тие опшптини нема да имаат свој кандидат за градоначалник, а од дргуа страна Движењето ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и Градот Скопје, каде што ЗНАМ нема да има свој кандидат за градоначалник. На Централниот одбор се разгледуваа и други оперативни прашања поврзани со подготовките за претстојната кампања – рече Мемов.
Тој додаде дека на овие локални избори, ЗНАМ нуди кандидати со искуство и со докажани резултати, стручни луѓе со интегритет и визија.
– Нашите кандидати не се само имиња на изборен плакат, тие се личности кои имаат пред се чист образ, јасен план и визија да донесат вистински промени во своите општини, достојни на довербата што ќе ја добијат. Ние веќе докажавме преку нашето учество во Владата дека знаеме да раководиме со институции на независен и ефикасен начин, со еден и единствен приоритет – интересот на граѓаните и националните интереси на Македонија. ЗНАМ ќе биде гаранција дека секој проект, секоја идеја и секој предлог од граѓаните ќе биде претворен во реалност. Нашите советници и градоначалници ќе се погрижат секоја општина да стане подобро место за живеење – со современа инфраструктура, квалитетно образование, силна социјална заштита, поддршка за културата и спортот и нова енергија за локалниот развој – рече Мемов.
Прашан зошто ЗНАМ настапува со два кандидати и дали се задоволни со бројот на општините каде што ќе имаат кандидати за градоначалник, Мемов одговори:
– Во медиумите се креира наратив околу бројот на кандидати за градоначалници. Движењето ЗНАМ многу внимателно го гради својот развој и довербата кон граѓаните. На овие локални избори пристапуваме многу релаксирано, ослободени од каков било притисок за кандидирање на градоначалници во голем број на општини, по секоја цена. Засега утврдивме кандидати за градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово и во најзначајната општина во Скопје, тоа е општината Центар. Процесот на аналитика и проверка за други општини сè уште е отворен и не ја исклучуваме можноста ЗНАМ да има кандидати за градоначаници и во други општини – рече портпаролот Мемов.