ДИМИТРИЕВСКИ СО ПОРАКА ДО СДСМ Небулоза е дека сам себе сум се исклучил, одлуката не ви е легитимна
Димитриевски вели дека одлуката само на поединци во раководството на СДСМ кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува неговиот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите,
Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ за исклучување од членство, вели Максим Димитриевски во реакцијата на изјавата на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски дека тој замиот се исклучил од партијата со тоа што се кандидирал како независен кандидат за градоначалник за општина Куманово.
„Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ. Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржала. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат“, вели во реакцијата Димитриевски.
Тој додава дека по убедување е социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија.
„И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб“, вели во рекацијата Максим Димитриевски.
Вчера на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски претставувајќи кандидатот градоначалник на Куманово рече дека СДСМ оди со нов кандидат бидејќи актуелниот сам си се исклучил од партијата.
– Во Куманово одиме со Оливер Илиевски бидејќи актуелниот Максим Димитриевски не е повеќе член на СДСМ. Димитриевски сам се исклучи од партијата. Самиот отиде против себе, против СДСМ, против граѓаните – рече Николовски.
Партиски извори , пак, изјавија дека „согласно статутот на СДСМ, со ваквата одлука на Димитриевски автоматски се исклучува од членството во СДСМ“.