ДИМИТРИЕВСКИ НАЈАВИ УБЕДЛИВА ПОБЕДА ВО ПРВИОТ КРУГ Куманово ќе стане регионален економски центар и најсредена општина

На уште непочната кампања, граѓаните знаат кој ја заслужува нивната доверба и за кога треба да го дадат својот глас. Е тоа е успех, тоа е доказ дека ЗНАМ не е кампањска партија туку автентично движење! Од народот и за народот, рече кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

68

 

Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва на конвенцијата на ЗНАМ на градскиот плоштад во Куманово најави убедлива победа уште на 19 октомври, во првиот круг на локалните избори.






– Мириса на победа, и тоа убедлива победа уште во првиот круг. Видлива е енергијата што ја имаме, енергија која нè влече напред. Се гледа како младоста и искуството се здружуваат за да се оствари примарната цел – Куманово да продолжи да се менува и да стане уште подобро место за живеење. ЗНАМ го знае и веќе го прави тоа – рече Димитриевски.

Димитриевски пред граѓаните порача дека тој и неговиот тим во изминатите 8 години покажале и докажале дека со чесност, искреност, посветеност, отчетност и постојана работа секогаш се стигнува до успешен резултат, потенцирајќи дека во овој период успешно се реализирани повеќе од 800 проекти.

– Пред некој ден на јавниот сервис беше објавена последната анкета за тоа како предизборно стојат работите во наше Куманово. Знаете како стојат? Бројките покажуваат убедливо водство и во трката за градоначалник и во изборната борба за советничките листи. На уште непочната кампања, граѓаните знаат кој ја заслужува нивната доверба и за кога треба да го дадат својот глас. Е тоа е успех, тоа е доказ дека ЗНАМ не е кампањска партија туку автентично движење! Од народот и за народот – рече Димитриевски.

На конвенцијата беа претставени и дел од планираните проекти за наредните 4 години.

Програмата на ЗНАМ предвидува стотици проекти во сите области, кои ќе донесат уште подобар живот во Куманово и ќе го направат регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.

Димитриевски испрати порака до противкандидатот од СДСМ.

– Пред некој ден слушам еден од моите противкандидати вели дека ќе го ослободел Куманово. Од кого ќе го ослободиш? Па, ти и твоите со години го имавте фамилијарно заробено нашиот град. Мешетаревте, правевте разно-разни комбинаторики, ништо не работевте и го оставивте Куманово запустено. Ти беше дел од групата што го запусти Куманово и сега ќе си го ослободувал – рече тој.

Пред присутните на Градскиот плоштад во Куманово се обрати и носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска.

– Заедно со Максим Димитриевски ќе работиме на засилено учество на младите и жените во јавниот живот. Тоа го покажуваме со нашата советничка листа. Нам не ни требаат квоти за да ја докажеме рамноправноста, ние веќе ја живееме. Половина од нашата листа се жени. Голем дел се млади луѓе со визија, со енергија, со идеи за модерно Куманово. Млади луѓе кои мора да научат дека политиката е одговорност, а локалната политика е образ, а не привилегија – нагласи Димитриевска.

Кандидатката за советничка, Мила Петрушевска испрати порака до младите во Куманово:

– Ветувам дека правата, потребите и интересите на младите луѓе ќе бидат достоинствено застапувани и претставени од моја страна во Советот на Општина Куманово, и како идна советничка ќе се залагам секогаш да има поддршка, простор и шанса за секој млад човек – рече таа.

Поврзани содржини