ДИМИТРИЕВСКИ ЌЕ ОСНОВА БИЗНИС ИНКУБАТОР ЗА МЛАДИ Ќе се привлекуваат и нови инвеститори
Независниот нандидат за градоначалник најави и соработка со бизнисот со цел поголем економски развој на Куманово.
Во индустриската зона Новини и Речици континуирано се инвестира, информира денеска на прес-конференција независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски.
Тој рече дека во рамки на оваа кампања и следниот мандат којшто верувам дека ќе го добие ќе продолжи со инвестиции во развој на стопанството во Куманово.
– Пред неполни два месеци општината по пат на јавна лицитација успешно реализира продажба на три градежни парцели, и тоа на еден странски и двајца домашни инвеститори. Она што во минатото при продажба на земјиште во оваа индустриска зона се продаваше по едно евро од метар квадратен на последната лицитација успеавме да го продадеме по 15, 5 евра по квадратен метар, а парите од оваа лицитација ќе бидат реинвестирани во оваа индустриска зона, како и дополнителни буџетски средства од буџетот на општина Куманово – рече Димитриевски.
Тој додаде дека целта е да се отворат поголем број на инвестиции, како од домашни, така и од странски инвеститори и да се зголеми бројот на работни места и условите во кои работат секојдневно граѓаните.
Димитриевски истакна дека идеја е да се отвори нов бизнис инкубатор за млади на локација на покриениот градски базен во Куманово кадешто младите луѓе во соработка со општината ќе може да се собираат, организираат и дополнително да доаѓаат до нови бизнис идеи и нивно креативно делување, особено во делот на бизнис идеи и за висока технологија.
– Ќе продолжиме да соработуваме со сите стопански гранки преку социо-економскиот совет на општината да дадеме свој доприност во развојот на стопанството во нашиот град – потенцираше Димитриевски.