Дилемата на либералите и левицата пред подемот на десницата

Опозицијата е киднапирана од луѓе без кредибилитет и авторитет и тоа на долги патеки ќе биде огромен проблем во корегирање на политиките на власта. Сведена на празно и секојдневно критизерство, ја гледаме мизеријата на нашата опозиција која ја критикува власта за поскапувањата, кога сите одлично знаеме дека најголемиот пораст на цените се случи во нивно време, или пак го гледаме нивното учество и присуство на националистичките и ревизионистички беседи на Додик, за потоа пак само да критикуваат.

807

Како последица на успехот на Трамп и десничарскиот политички проселитизам кој како вирус се шири низ Европа, за првпат после Втората светска војна и победата над фашизмот и комунизмот, делува дека либералната демократија и социјалдемократијата повеќе не се во линија со светските текови, делуваат досадни, изгубени и надминати, без ветар во своите едра, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Политиката на Трамп потекнува од внатрешната криза и контрадикцијата на либерал-демократските парадигми хибридирани со неолибералниот економски модел, кој и самиот делува истрошен и издишан, но овдека сме сведоци и на нешто далеку поголемо.






Главните линии на новото политичко дејствување се базираат на концентрацијата на моќ кај едно лице, конвергентноста помеѓу економската олигархија и референдумската политика, империјалистичкиот и шовинистички национализам, подредувањето на правото, било домашно или меѓународно на политиката, која пак станува единствено израз на сила, една непрестана иделогија на заплашување со непријатели (внатрешни и надворешни), еден страшен капацитет да се мобилизира бесот и народниот ентузијазам, преку еден вид политичка теологија каде Претседателот или лидерот е виден како еден вид Месија.

И покрај големите структурни разлики помеѓу САД и Европа, сѐ повидливо е дека и на Стариот континент сѐ повеќе десничарски партии делуваат уште повеќе легитимирани и убедени дека вечниот непријател – либерализмот и левицата – треба да бидат уништени или поразени. Оттука пред европските либерали и социјалисти се поставува дилемата како ќе треба во иднина да се постават во оваа „челична ера“ на трампизмот и на десницата.

Веќе е јасно дека прогресивните сили нема да можат само да се ограничат на осуди кон „фашизмот“ на Трамп и на Маск, или на другите европски десничарски партии во подем, било тоа да се АфД или партиите на Орбан, Мелони или Салвини, Вилдерс или Кикл. Доколку европските либерали и левичари сакаат да останат релевантни политички сили во овој век, ќе мораат многу длабоко да проникнат во грешките и слепоста од минатото кои ги доведоа до денешните порази, во причините зошто десницата денеска е способна да мобилизира толкав консензус кај народот. Потоа, ќе мора да измислат и да стават во оптек политики на отпор, со цел да не бидат збришани од противникот, а со нив да исчезнат и приниципите, вредностите и политиките на либералната демократија, која очигледно се уште преживува во своето последно прибежиште на планетата, односно, во Европа.

Да се намали предноста и привлечноста на десничарите

Тука преостанатите европски прогресивни сили се судираат со големата дилема. Дали да ѝ се спротивстават на десничарската интерпретација на политиката во целост, отфрлајќи ја нивната содржина, но и форма, и да ги засилат заложбите за либерал-демократската и уставна политичка парадигма, која денес е ослабена во својата економска и политичка компонента, немајќи повеќе инструменти државата да ја урамнотежува економијата и во отсуство на партии на маса. Во исто време тогаш би требало да ја зајакнат и европеистичката компонента на својата политичка понуда, нешто што е особено тешко во услови кога доминираат економскиот изолационизам, политичкиот национализам и десниците.

Другата опција би била и прогресивните сили да инвестираат во потрагата и промоцијата на силен лидер, да се зајакнат со идентитетски политики и да влезат во идеолошката борба и логика на пријател-непријател, во надеж дека низ таквата политичка поларизација би разбудиле и освоиле дел од ентузијазмот, консензусот и страста која денес ги карактеризира десничарските партии. Тука станува збор за стратегија која не ѝ лежи премногу на левицата или на демократите, затоа што тоа е еден лизгав терен составен од демагогија и популизам, кој десничарите отсекогаш подобро го практикувале.

Во секој случај, за да се излезе од оваа политичка анемија и аномија на либерал-демократските и социјал-демократските политики, ќе биде неопходен некаков вид судир, конфронтација, силна политичка борба и иницијатива, преземање на дел и од праксите на противникот, само со цел да се разбуди политичката и идеолошката страст и да се намали предноста и привлечноста на десничарите.

Жалосно е да се гледа деновиве како една од најголемите европски конзервативни партии, една државотворна, умерена и европски настроена партија како германските централно-десничарски Демохристијани (ЦДУ), ја подотвараат вратата за екстремно десничарската Алтернатива за Германија и заедно обезбедуваат мнозинство за првпат на гласањето во германскиот Бундестаг.

Или пак, срамно е да се гледа како протестите на студентите во Србија, против корумпираноста на режимот на Вучиќ речиси и не добиваат никаква меѓународна поддршка од Западот или Европа. Генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, Герт Јан Копман, во Белград, според некои медиуми, на затворен состанок со опозицијата нагласил дека Европската унија нема да прифати или поддржи насилна промена на власта во Србија. Ричард Гренел, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, изјави нешто слично на неговиот профил на X, велејќи: „Ние не ги поддржуваме оние кои го поткопуваат владеењето на правото или оние кои насилно преземаат владини згради“.

Потребно е будење на прогресивните сили

Вакви небулозни реакции или коалиции би биле незамисливи до пред само неколку години, но подемот на трампизмот и трансакциските логики во меѓународната политика, ненормалното го нормализираа, создавајќи една сосема нова парадигма на здравиот разум и либералните политики. Оваа тенденција без контратежа од либералните и прогресивни сили само ќе се зајакнува и ќе се загубат историските идеали за човековата еманципација и слобода, додека десницата ќе продолжи да го заменува прогресивизмот со футуризам, сигурноста со бесот, слободата со војната.

Таа криза и слабост на либералните и социјалдемократски партии ја гледаме и во нашиот регион и кај нас дома. Српската опозиција денеска наместо да е решение, само е дел од проблемот и една од причините зошто режимот на Вучиќ толку долго опстојува. Но, Србија барем ги има младите и надежта, додека кај нас лажните прогресивци и тоа успеаја да го потрошат, уништат и разочараат. Оттука, не треба некогаш да нѐ чуди успехот на десничарите, кога оние кои би требало да бидат либерални, левичари или прогесивни, се покажале и како полоши од претходниците. Тоа правило важи насекаде.

И денес е навистина поразително да се гледа и кај нас отсуството на една либерална контратежа. Опозицијата е киднапирана од луѓе без кредибилитет и авторитет и тоа на долги патеки ќе биде огромен проблем во корегирање на политиките на власта. Сведена на празно и секојдневно критизерство, ја гледаме мизеријата на нашата опозиција која ја критикува власта за поскапувањата, кога сите одлично знаеме дека најголемиот пораст на цените се случи во нивно време, или пак го гледаме нивното учество и присуство на националистичките и ревизионистички беседи на Додик, за потоа пак само да критикуваат. Прашањето е дали една навистина прогресивна, проевропска и левичарска партија може да си дозволи да учествува на настан каде ќе се обрати големосрпскиот и проруски националист и шовинист или во најмала рака, нема да најде за сходно демонстративно да го напушти настанот.

Со други зборови, кој сади тикви со десничариските логики и нема нешто алтернативно и различно да понуди, само ќе ја засили доминацијата на десничарските политики и логики. И на Европа, како и на Балканот или Македонија, им е потребно будење на прогресивните сили. Како што можеме да видиме и од Србија или од Европа, сѐ потешко е дека таа сила и енергија ќе дојде од елитата, чии интереси се премногу заплеткани со конзервативниот и себичен естаблишмент и со секоја власт, без оглед на нејзините бои или политики.

Без соочување со овие длабоки проблеми и причини за успехот на десницата, тешко дека во догледно време ќе се промени правецот на новата политичка ера.

Поврзани содржини