Диктатура на глупоста
Не е ли досегашниот наш ќорсокак од 2017 година наваму послан токму со таков двоен морал и лажна верба? Што ќе рече: зарем ние, со нашиот некогашен – речиси едногласен – избор на ЕУ како стратешка цел и (во поблиското минато) оваа власт како реализатор на таа наша желба едновремено сме се согласиле и на овој криминал, корупција, непотизам, бандитизам, политичко силеџиство …? Зарем во тоа сака да нè убеди оваа неспособна власт и нејзините гласноговорници: дека ЕУ доаѓа во пакет со оваа општа катастрофа околу нас?
Соодветно на денот, а без лоша мисла но сепак со некаков (дозволен?) објективен сомнеж слушајќи ги „проповедите“ на актуелните македонски политичари по повод ваквите (религиозни) празници, некако по правило се наметнува вечната дилема за суштината на верата во едно современо општество, за искреноста на верувањето, за поврзаноста на верувањето и постапувањето … итн.
Зашто, ако, на пример, претседателот (малите букви се одраз на неговиот реален авторитет) на државата, и не само тој, ни посакува „(…) заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани“, а во друга прилика нè нарекува болни и непријатели, тогаш – која е вистината? Ако очекува „да бидеме грижливи и милосрдни (…) постојано дарувајќи љубов и ширејќи позитивна енергија“, зошто тоа не го прават, тој и неговите ментори на власт, и во „обични“ а не само во празнични денови? Или тоа треба да го прави – некој друг? И кој?
Ако вербата е таа што ги води, ако Божиќ, Богојавление, Воскресение … се водилки на исполнувањето на секоја правда но и патоказ во нивните животи, зарем таа верба е само за тие празнични денови? И што со другите? Во другите дозволено ли е да се лаже, да се краде, да се манипулира, да се корумпира …? И зарем тоа не се нарекува со поинакви зборови, меѓу нив и – лицемерие, богохулие и слично? Или мислат дека ние и за тоа сме им дале мандат?
Не е ли досегашниот наш ќорсокак од 2017 година наваму послан токму со таков двоен морал и лажна верба? Што ќе рече: зарем ние, со нашиот некогашен – речиси едногласен – избор на ЕУ како стратешка цел и (во поблиското минато) оваа власт како реализатор на таа наша желба едновремено сме се согласиле и на овој криминал, корупција, непотизам, бандитизам, политичко силеџиство …? Зарем во тоа сака да нè убеди оваа неспособна власт и нејзините гласноговорници: дека ЕУ доаѓа во пакет со оваа општа катастрофа околу нас?
Зарем тие мислат дека ние сме се согласиле, а згора токму ним сме им дале и мандат, за глупост и неспособност, за ароганција и неказнивост …, па сега ги поминуваат и границите на основната пристојност, воспитување, култура, она малку – ако воопшто ја има – демократичност останата во некое скриено ќоше во „државава“? И зарем не е овој најнов скандал со „црните листи“ и Законот за рестриктивни мерки токму тоа: уривање на последниот ѕид на некаква имагинарна правда?!
Зашто, ако само проф. Калајџиев е згрозен од последните обиди за налудничав пуч во судството, тогаш за што и за која Европа ние би расправале, нели? И зарем ЕУ ќе го промени (и) тоа? Ако на толку правни факултети во „државава“ таквото воведување на владина хунта во судството им е нормално, ако онаа „интелектуална“ збирштина на владини навивачи во тоа гледа нов чекор кон ЕУ …, зарем тогаш немаме за што да се грижиме? И зарем не беше логично после оној и онаков Кривичен законик – генерално еднакво премолчен, освен чифт гласови во пустина – да дојде и овој монструм?
И зарем сега, после сè, ни треба зацврстување на диктатурата на глупоста?!
Веќе нема дилеми дека за идните проучувачи на современата македонска историја овој неколкугодишен период, заради многу нешта, ќе остане фрапантно збунувачки. Прво, секако, не ќе можат соодветно да го дешифрираат целиот овој еврохистеричен мизансцен во една вака распарталена „држава“, во којшто маршираат коекакви тупоглави министерски ликови во „прогресивни“ ролји, придружени од грст лукративни „интелектуалци“ форматирани во навивачка колона опремена со сите модерни гласноговорнички реквизити.
Но, второ, и од општата атмосфера на доброволно приклонување дури и на јавноста кон некои најцрни автократски механизми од релативно далечни анахрони „системи“ што сме сакале бргу да ги заборавиме, но оваа неписмена толпа никако не ги препушта на „црната историја“ на човечкиот род.
Најголемиот македонски парадокс е што „прогресивниве“ слепци мислат дека можат да се мушнат во ЕУ токму преку најлошите навики од комунизмот коишто останаа живи само кај нас и кај некои соседи, згора проткаени и со „финеси“ од уште поцрни „идеологии“, коишто де факто никогаш не „вирееле“ во Македонија. Некој ќе приговори дека, сепак, помеѓу комунизмот и таквите (фашизам, хунти и диктатури и др.) нема големи разлики, но сепак – има. Затоа и ова македонско совремие уште повеќе збунува – да не речам запрепастува! – особено (и) заради фактот што приврзениците и пропагаторите на овие црнила се луѓе кои себеси се претставуваат како „леви“, „социјадемократи“ односно „прогресивни“ евровљубеници. Што ни во сон не се!
Кога на тој и таков „политички“ сој ќе ги прикрпите и нивните „интелектуални“ навивачи кои во оваа општа македонска траума успеваат да ја видат само „светлата“ точка на евроинтеграциите, тогаш сликата станува комплетна. И бедно „комплексна“. Фактот што наводното исполнување на стратешката цел викана ЕУ неповратно го девастира целиот систем, дерогира Устав и закони, посегнува дури и по основни човекови и граѓански права и, како конечен производ, устоличува системска анархија и апсолутистичко владеење на една политикантска група, многу не ја загрижува оваа среброљубива клиентела на власта.
А за да „аргументираат“ посилно, попатно редовно вклучуваат катастрофични воени сценарија на големите сили, па сега повторно во игра влегуваат „китови и сардини“ филувани со некакви налудничави закани викани „нон-пејпер“ и „нон-стејт“, низ земјава пак ќе шетаат продавачи на коли од преку барата кои, велат нашиве надобудни политиканти, ќе ни изберат не само парламент туку и претседател итн.! Ама никој не бара од нив да ги средат хаосот, криминалот и корупцијата во „државава“, штом веќе се тука и се така загрижени за нас?! Или тоа автоматски ќе се среди во мигот кога ќе ги започнеме пристапните преговори, па затоа сега ќе се занимаваме со тоа кој утре ќе пишува молби, и до кого?
Никој од нашиве интелектуални македонски празноглавци не сака ни со едното око да го види она што им се случува во локалното опкружување, па и она што им се подготвува. За нив, како и за шарлатанската македонска Влада, изгледа е нормално во ЕУ да влеземе не само со највисока стапка на криминал и корупција, со страотно масовно труење на граѓаните, со партизирана семејна администрација, со владеење на глупоста наместо на правото …, а сега и со озаконет упад во правосудниот систем преку „измени и дополнувања“ на Законот за рестриктивни мерки!
И не само ним туку и на оној (да простите) веќе смешен Гир, кој пред себе ги гледа само ревитализираната стручна соработничка во Судскиот совет и амнестираната претседателка на Врховниот суд. Иако останува нејасно што тие ќе работат кога Владата постепено ќе ги превземе сите судски функции? Или, де факто, тие и не треба да работат туку само да примаат плата?!
И не беше ли јасно што следи кога и Брисел и Вашингтон навидум го поплукаа новиот Казнен законик но тој сепак остана во сила? Не беше ли (и) тоа само проба за ова втора фаза: Законот за рестриктивни мерки? Наместо домашните Устав и закони, за оваа власт „црните листи“ на некои други држави стануваат устав и закони. Па според нив и ќе се однесуваат односно без обвинение и суд ќе жарат и ќе палат во државава. Ќе конфискуваат дури и имот!
Или и ова, како и оние две погоре спомнати „госпоѓи“, ќе влезе на списокот на „реформи“, толку посакувани од Холандија, ЕУ, Вашингтон …, а ние повторно ќе си играме „Среќна нова 1948“?!