ДИК НЕ ПРАВИ ДОВОЛНО ЗА ДА ГО ОЛЕСНИ СОБИРАЊЕТО ПОТПИСИ Максим Димитриевски ја официјализира својата кандидатура
ДИК треба детално да ги информира граѓаните каде се собираат потписите, кои се точните локации за да можат граѓаните да дадат потпис и да поддржат одреден кандидат – рече претседателот на Движењето ЗНАМ, кое вчера официјално ги избра своите органи и тела.
Кандидатот за претседател од политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска се потпиша за официјализирање на кандидатурата во просториите на општинската канцеларија на Државната изборна комисија во Куманово. Тој се заблагодари за досегашната поддршката на граѓаните, посочувајќи дека засега бројката е висока.
– Ја користам приликата да ги повикам граѓаните на Македонија да дадат поддршка, бидејќи нашата цел е да воведеме нов концепт, нови стандарди, бидејќи Македонија тоа го заслужува. Македонија мора да излезе од црно-сивиот свет во којшто функционира и единствено тоа можат да го сторат граѓаните доколку се одважат, доколку имаме висока поддршка со собирање потписи, тоа значи дека ќе имаме и висок одзив, при самото гласање и не само што ќе се зголеми демократијата во државата, туку и народот ќе испрати јасна порака дека сака да се случи нешто ново во државата – рече Димитриевски.
Тешко се наоѓаат месните канцеларии
Во однос на постапката и организацијата при собирање на потписи, Димитриевски рече дека ДИК треба детално да ги информираат граѓаните каде, кои се точните локации за да можат граѓаните да дадат потпис и да поддржат одреден кандидат.
– Мислам дека од ДИК не е направено доволно да се информира јавноста и граѓаните каде на кои места и локации можат граѓаните да го дадат потписот за поддршка на одреден кандидат. Првенствено има мал број канцеларии, не сите општини се опфатени со матични канцеларии на ДИК и неопходен е правилник во кој ќе се дефинираат точните локации и дополнително граѓаните полесно да се информираат каде можат да го дадат својата поддршка. Верувам дека во најкус можен рок ДИК ќе изнајде начин дополнително да ги информира граѓаните каде можат да дадат поддршка за кандидатите, а согласно законот имаат обврска да прибираат потписи, истакна Димитриевски.
Тој рече дека граѓани од други градови го прашувале каде да се потпишат и, како што додаде, им одговорил дека согласно правилниот можел да ги даде само адресите на канцелариите.
– Тоа не е обврска на кандидатите, туку на ДИК и впрочем тие се платени за тоа и имаат обврска да ја информираат јавноста за точните локации и позиции каде се наоѓаат месните канцеларии на ДИК во однос на собирање на потписи кај нотари мислам дека е доста скапа постапка и не секој од нас кандидатите може да си го дозволи тоа да издвои толку средства за да обезбеди поддршка и собирање на потписи кај нотарите бидејќи се плаќа заверка, рече Димитриевски.
ЗНАМ ги избра органите и телата на партијата
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија вчера го одржа Првиот Конгрес, на кој беа избрани органите и телата на партијата.
На Првиот Конгрес беа избрани членовите на Централниот одбор и членовите на Надзорниот одбор. Потоа, на првата седница на Централниот одбор, од нивниот состав беа избрани потпретседателите, Генерален секретар, членови на извршниот одбор, Претседавач на Централниот одбор и на крајот, се назначи шеф на Централниот изборен штаб.
Делегатите за Претседател на партијата го избраа Максим Димитриевски, кој беше утврден и како кандидат за Претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за претстојните претседателски избори.
За потпреседатели на партијата беа избрани д-р Павле Арсоски, доктор по историски науки, генерал мајор во пензија, од Скопје и Весна Бендевска, дипломиран психолог, поранешен пратеник во Собранието на РМ од Битола.
За генерален секретар на партијата е избран Горан Минчев, дипломиран економист од Скопје, поранешен генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието на РМ, директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата
За Организациски секретар е избран Сашо Петрушевски, дипломиран машински инженер од Куманово.
Игор Филков, дипломиран правник од Скопје, приватен стопанственик и член на Централниот одбор, е избран за Претседавач на Централниот одбор на партијата Движење ЗНАМ-За наша Македонија.
Познати имиња и во Извршниот одбор
Извршниот одбор на партијата Движење ЗНАМ-За наша Македонија е во состав:
1. Игор Филков, роден 1979 година, дипломиран правник, приватен стопанственик, од Скопје
2. Виктор Јовановски, роден 1972 година, менаџер и приватен стопанственик, од Скопје
3. Марин Алексов, роден 1986 година, Факултет за безбедност, вработен во приватен сектор, од Скопје
4. Доц. д-р Атанско Тунески, роден 1965 година во Прилеп. доктор по технички науки, редовен професор на Машински факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, од Скопје
5. Ивана Ѓорѓиевска, родена 1973 година, филолог по општа и компаративна книжевност и македонски јазик, претседател на Советот на општина Куманово, во Куманово
6. Доц. д-р Јасмин Циривири. роден 1962 година, специјалист-ортопед, вонреден професор и началник на хируршки одделенија во ГОБ 8-ми Септември, од Скопје
7. Проф. д-р Бобан Карапејовски, роден 1987 година, доктор по хуманистички науки (македонски јазик и лингвистика), професор на катедрата за македонски јазик на катедрата на филиошкиот факултет Блаже Конески во Скопје , од Тетово
8. Проф. д-р Катерина Тодороска, родена 1963 година, во Прилеп, редовен професор, вработена во Институт за национална историја, Центар, од Скопје
9. м-р Радослав Настасијевиќ Варџиски, роден 1987 година, магистер по маркетинг менаџмент, експерт за маркетинг и стратегии, од Куманово
10. Соња Ѓорѓиоска родена 1962 година, доктор специјалист офталмолог, ПЗУ, од Гостивар
11. Ристо Николовски роден 1960 година, дипломиран правник, адвокат, од Прилеп
12. Марјан Младенов роден 1985 година, дипломиран економист, менаџер за лекари за Источна Македонија-Стручен соработник, од Струмица
13. м-р Виктор Ванкоски роден 1992 година, магистер по казнено право од Охрид
14. Јасминка Петковска родена 1982 година, дипломиран политиколог, вработена во Министерството за животна средина и просторно планирање, од Скопје.
Централниот одбор го назначи Горан Минчев, Генерален секретар на партијата да биде Шеф на централниот изборен штаб за претстојните претседателските и парламентарни избори.