ДИК ГИ ОБЈАВИ ПРВИЧНИТЕ РЕЗУЛТАТИ Излезноста достигна 41,76%, убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и во вториот круг

Првичните неофицијални резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 покажуваат доминација на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во 21 општина, со големи победи и тесни пресврти во неколку градови, вклучително и во Град Скопје.

859

Државната изборна комисија ги објави првичните неофицијални резултати од гласањето во вториот круг на Локалните избори 2025 година, спроведени во 32 општини и во Градот Скопје. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека од обработени 98,25% од избирачките места, гласале вкупно 415.435 граѓани или 41,76 проценти на ниво на државата.

Во Скопје, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, доби поддршка од 93.207 граѓани, додека неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ, освои 58.994 гласа или 36,26 проценти од вкупните гласови. Излезноста во главниот град изнесува 35,05 проценти.






Според првичните резултати, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата водат во 21 општина, кандидатите на Коалицијата Вреди во четири општини, кандидатите на СДСМ и Коалицијата во три, додека Движењето ЗНАМ, Унија на Роми, Национална Алијанса за Интеграција – НАИ и Група избирачи Менди Ќура освоија по една општина.

Во Аеродром, од обработени 99,9% податоци, за актуелниот градоначалник Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ гласале 17.873 граѓани, додека за Александар Трајановски од СДСМ 9.489. Во Боговиње, Фети Абази од Вреди доби 6.380 гласа, а Бесник Емши од НАИ 5.040.

Во Брвеница, Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 4.369 гласа, додека Хаким Рамадани од Вреди 4.224. Во Валандово, Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ доби 3.258 гласа, а Перо Костадинов од СДСМ 3.012. Во Виница, Митко Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ освои 4.449 гласови, додека Гоце Милевски од СДСМ 3.320.

Во Карпош, Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ доби 12.650 гласови, а противкандидатот Стевчо Јакимовски 11.421. Во Кичево, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ доби 14.205, а Фатмир Дехари од НАИ 11.908.

Во Крушево, тесен пресврт донесе победа на Нико Чонески од ВМРО-ДПМНЕ со 2.662 гласа, додека Томе Христовски од СДСМ доби 2.643. Во Тетово, Бајрам Реџепи од НАИ освои 15.958, додека Биљал Касами од Вреди 21.004.

Во Центар, актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ освои 10.429 гласа, додека Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ 7.578. Во Шуто Оризари, актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми доби 3.354 гласа, а противкандидатот Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ 2.991.

Претседателот на ДИК Кондарко посочи дека, согласно Изборниот закон, за избран во втор круг се смета кандидатот што добил мнозинство од вкупните излезени гласачи. Тој најави дека утре на јавна седница ќе бидат објавени првичните официјални резултати, а роковите за приговори ќе започнат веднаш по нивното соопштување.

Поврзани содржини