ДИГИТАЛНА ЛИЧНА КАРТА, ПРИСТАП ДО КЛУЧНИТЕ УСЛУГИ Андоновски најавува суперапликација преку која секој ќе ја има Владата на својот телефон

Сакаме да ја завршиме Super App, нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги, и да ја лансираме до крајот на оваа година , најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

269

Владината суперапликација е нашиот клучен проект кој ќе ги донесе услугите до секој граѓанин, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

– Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и да ја лансираме до крајот на оваа година – изјави министерот, кој  учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.






Тој објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.

– Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму – рече Андоновски.

Тој додаде дека не брзаат со апликацијата.

– Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи, ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука во Македонија – порача министерот Андоновски.

Поврзани содржини