ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА СТРОГО ДОВЕРЛИВИТЕ СУДСКИ НАРЕДБИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ Бавниот и ранлив процес станува безбеден затворен систем
Придобивките од овој процес се зголемување на брзината и ефикасноста, безбедност на комуникацијата, намалување на можноста од човечка грешка и зголемување на транспарентноста и отчетноста на секоја фаза, рече министерот Панче Тошковски.
Почнува дигитализацијата и унапредувањето на процесот за издавање на судските наредби за примена на посебните истражни мерки помеѓу Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Оперативно техничката агенција (ОТА). Посебните истражни мерки предвидуваат прислушување и следење на осомничени лица во определен временски период.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека дигитализацијата на процесот за издавање на судски наредби за посебни истражни мерки по член 252 од Законот за кривична постапка е срж на ефикасното функционирање на институциите при заштита на безбедноста и владеењето на законите.
– Преку оваа алатка нашите аналитички тимови и оперативните единици во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал драматично ќе ги унапредат своите задачи. Кога е потребна посебна истражна мерка, МВР во дигитална форма ги подготвува сите релевантни податоци и преку платформата ги доставува до Јавното обвинителство. Обвинителите ги разгледуваат предлозите, ги проверуваат условите за посебна истражна мерка и кога се исполнети критериумите, ги одобруваат. Судот независно и професионално ги оценува доставените барања и ги проследува до МВР и Јавното обвинителство – образложи министерот Тошковски.
Тој ги објасни придобивките од овој процес – зголемување на брзината и ефикасноста на самиот процес, безбедноста на комуникацијата, намалување на можноста од човечка грешка и зголемување на транспарентноста и отчетноста на секоја фаза.
Тошковски објасни дека овој систем прво ќе биде имплементиран за подрачјето на Скопје, а во следната фаза во целата држава.
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев нагласи дека воведувањето на овој систем ќе го редефинира начинот на кој се доставуваат и се разменуваат строго доверливите судски наредби.
– Тоа што досега беше бавен и ранлив процес, со премногу раце и премалку отчетност, денес го претвораме во затворен, автоматизиран и безбеден дигитален систем, каде секој потег е евидентиран, секој документ е заштитен, а секоја минута е добиена – за акција, за вистината, за правдата. Овој систем е повеќе од технолошко решение, тој е вредносна одлука – истакна Јанев.
Тој прецизираше како процесот ќе изгледа во пракса.
– Министерството за внатрешни работи ќе изготвува предлози за посебни мерки и ќе ги испраќа по електронски пат до Обвинителството. Обвинителството ќе ги разгледува и ќе ги проследува до судот, кој потоа електронски ја носи одлуката. Судските наредби се враќаат – една до МВР, друга до ОТА, во анонимизиран формат. Сè ќе се одвива во заштитена дигитална средина – без хартија, без чекалници, без ранливи човечки алки – рече директорот на БЈБ Јанев.
Сите страни се согласни дека оваа иницијатива не е само технички проект, туку симбол на нашиот колективен стремеж кон модерни и ефикасни институции кои го штитат јавниот интерес. Секој чекор напред значи побрза правда, поголема безбедност и поголема доверба на граѓаните во системот.