ДИГИТАЛЕН ГРАД, ТРАНСПАРЕНТНА ВЛАСТ И КРАЈ НА КОРУПЦИЈАТА Мециновиќ најави револуција во Град Скопје

Кандидатот на Левица најавува дигитализација на градските услуги, натпревар за млади програмери и крај на тендер шемите и партиските вработувања.

163

Кандидатот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција порача дека градската власт мора да стане сервис на граѓаните, а не алатка во рацете на партиите. Тој ги стави во фокус работниците од јавните претпријатија, дигитализацијата и зголемувањето на транспарентноста во работењето на Градот Скопје.

– Сакам најпрво да им се заблагодарам на работниците во јавните претпријатија кои пред неколку дена цела ноќ работеа за да ја поправат хаваријата на водоводот. Благодарение на нивната посветеност, скопјани следниот ден имаа вода. Но, премногу често ги забораваме токму оние што ја одржуваат нормалноста во овој град – изјави Мециновиќ.






Тој остро реагираше на изјавите на неговите противкандидати кои најавуваат „чистки“ во јавниот сектор, велејќи дека вистинската задача на градоначалникот не е да отпушта, туку да создава услови за достоинствена работа.

– Ние нема да изнесуваме работници за уши. Градоначалникот не пополнува дупки и не собира смет, тоа го прават тие работници. Затоа тие треба да имаат нормални услови за работа и фер третман – нагласи кандидатот на Левица.

Како централен дел од својата програма, Мециновиќ ја најави целосната дигитализација на градските услуги преку јавен натпревар за млади програмери. Проектот ќе се спроведува во соработка со ФЕИТ и ФИНКИ, чиј професори ќе го оценуваат квалитетот и безбедноста на понудените решенија.

– Ќе организираме натпревар на кој младите програмери ќе развијат апликација што ќе ги интегрира сите градски услуги, плаќање даноци, сметки, паркинг, јавен превоз, па дури и поплаки и барања до градот. Победничкиот тим ќе добие награда од 50.000 евра и можност за вработување во Град Скопје – објасни Мециновиќ.

Со тоа, нагласи тој, ќе се стави крај на „тендер шемите“ и партиските вработувања.

– Нема да плаќаме милиони за нешто што можеме да го направиме со сопствен потенцијал. Ќе покажеме дека Скопје може да биде модерен и транспарентен град – додаде кандидатот на Левица.

Мециновиќ најави и формирање партиципативно граѓанско тело, воведување двосменско работење на шалтерите и платформа „Мој советник“, на која јавно ќе се објавува кој советник присуствува на седници и како гласа.

– Градските власти живеат на небо. Да беа на земја, ќе ја видееја реалноста во која живеат скопјани – порача тој.

Кандидатот на Левица предупреди и на опасноста од приватизација на јавните претпријатија, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со години намерно ги носат во финансиски колапс за да ги продадат.

– Се подготвува приватизација на „Комунална хигиена“ и „Дрисла“, а има индиции и за ЈСП. Ако не застанеме, на крај и водоводот ќе ни го земат. Ќе ни ја земат и водата – изјави Мециновиќ.

На крајот, тој порача дека Левица ќе се бори за зајакнување на јавниот сектор и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

– Нашите програмери, нашите работници, нашите граѓани, тие го градат Скопје. Треба само да им се даде можност. Градот мора да им служи на граѓаните, а не на партиите – заврши Мециновиќ.

Поврзани содржини