Дијаспората во меѓуетнички клинч
Пописот на дијаспората, и утврдувањето на реалните бројки на обемот на иселувањето, ќе придонесе за посеопфатно согледување на карактерот на демографските движења во Македонија. Но вистинските интереси на дијаспората треба да зрачат не само кон матицата, туку и во обратна насока.
Значи ли тоа што одеднаш се крена толкава паника околу пописот на иселените, дека некој навистина се грижи за потребите и интересите на дијаспората? Дали такви напори се препознаваат, на пример, во личноста на Артан Груби, кој како државен, но пред сè, сепак, партиски функционер, агитира и разгласува на сите ѕвона колку е важно албанската дијаспора максимално да ја искористи шансата и масовно да се самопопише. А, ете, ги повика, онака попатно, и другите етнички заедници од иселената Македонија, да не губат време и да го направат истото. Толкава трогателна грижа се чини не може да остане незабележана.
Политичките ветришта кои дуваат од татковината и засилените трендови на екстремната партиска поларизација во Македонија, неизбежно се рефлектираат и во дијаспората. Тоа, за жал, се одразува дестимулативно на контактите и каналите на комунакција со иселениците, кои одвреме-навреме се споменуваат во јавниот простор во контекстот на грижата за сите македонски граѓани „независно каде живеат“.
Мошне често тоа се сведува на кусогледи и политикантски пресметани манипулации, со инсталирање на разноразни задгранични комитети, кои не само што ја продлабочуваат нетрпеливоста меѓу иселените луѓе, од кои многумина не ни сакаат и немаат мотив за да се определуваат политички, туку во извесни околности успеваат и целосно да ја задушат политичката иницијатива во дијаспората. Со најновиот случај со пописот повторно на терен истрчаа партиските лидери заговарајќи некаква одеднаш разбудена грижа за дијаспората, овојпат преку масовно етничко пребројување, потпомогнато дури и од оџите и поповите, при што се испраќа порака дека успешното попишување во дијаспората ќе придонесе за јакнење на политичките позиции на етничките заедници во поделбата на власта во татковината.
Но дали таквите агенди на партиите, длабоко вовлечени во вителот на голата борба за власт, навистина соодвествува со интересите и потребите на дијаспората, е сосема друго прашање. Грижата за иселениците, како и обично, завршува во моментот кога ќе стане јасно кој и со колкава сила ги држи лостовите на политичката моќ во државата. Артан Груби, како истакнат партиски војник, само го следи тој веќе од поодамна трасиран пат на меѓупартиската трговија и прераспределба на политичкото (коалицино) влијание. Од иселените се очекува безрезерво да ја помогнат таквата агенда.
Многумина во дијаспората сигурно го делат мислењето дека спроведувањето на попис на населението е мошне важна операција заради утврдување на фактичките состојби во Македонија. Иако поради сложените геополитички односи, и постојантите уцени и притисоци на кои е изложена во своето опкружување, Македонија сепак не заслужува да го носи имиџот на една од ретките земји во светот кои веќе две децении не спровеле попис. Таквиот имиџ посебно се засилува со споменување на податокот дека конкуренција на Македонија во однос на ова прашање и прави само Сомалија, која како опустошена земја дури од неодмна почна да ги гради своите институции. Можеби и уште некои земји со децении не направиле попис, но тоа суштински сепак не ги менува оценките за закочените и во меѓупартискиот клинч заробени развојни политики, кои се заговараат во Македонија.
Можеби половина од населенито на Сомалија, слично на македонското, е иселено на сите светски меридијани, но многумина веројатно би се согласиле дека е нејасно како нивниот егзодус, нивната раселност, која достигнува и повеќе илјади километри од родното место, би имала некакво поголемо „пописно“ значење заради неопходните планирања и развојот на државата, кога станува збор, на пример, за урбанизацијата, инфрструктурата, или за вработувањата во јавниот сектор на општините. Освен ако некој не планира на волшебен начин да ги враќа иселените и на таков начин да ги пополнува демографски дупки кои зјапаат со својата широчина.
Беше поставено прашањето, но секако дека вреди да се постави повторно. На каков начин, и низ каква општествено развојна проекција на локален план, се гледа значаењето на иселените граѓани кои повеќе децении живеат и работат во, да речеме, Камбера, Монтреал, Дортмунд, или во Јужноафриканската Република? На каков начин е важно да се пристапи кон планирање, на пример, на водоснабдувањето во тетовските општини, изградбата на нови градинки во Куманово, или, пак, димензионирањето на капацитетот на образовните установи во Битола, и пополнување на празните училници во гиманизиите, така што ќе бидат попишани иселеници кои стигнале да се пензионираат во други земји, а меѓу нивните деца има многумина кои во некоја прилика добиле македонски матичен број, користејќи го потоа инцидентно, при некој туристичка посета на „стариот крај“. Кои се тие меѓународни искуства кои ја покажуваат оправданоста од планирање на развојни проекти на локалната самоуправа преку користење на податоците од попишаната дијаспора?
Во глобални рамки сè повеќе се менува сложениот однос на миграциите и развојот, и препознавање на миграциите како развоен инструмент, важен како за земјите на потеклото, така и за земјите во кои се случува прием на мигранти. Што се однесува до врските на Македонија со иселениците, заложбите за вклучување на миграциите во развојните пројекти во земјата се мошне скромни по обем. Не постојат ниту пак посериозни иницијативи за формирање на претставнички тела на дијаспората, кои би се ангажирале на идентификување на проблемите со кои се соочуваат иселениците и на јакнење на врските со нив, посебно со иселениците од помладите генерации со повисок степен на образование, (т.н. феномен на “одлевање на мозоци“).
Пописот на дијаспората, и утврдувањето на реалните бројки на обемот на иселувањето, ќе придонесе за посеопфатно согледување на карактерот на демографските движења во Македонија. Но вистинските интереси на дијаспората треба да зрачат не само кон матицата, туку и во обратна насока. Во спротивно, натпреварот за етничко пребројување на дијаспората, кој деновиве интензивно се потикнува, ќе заврши, како и обично, со злоупотреба на чувствата на луѓето, кои и на голема оддалечност и понатаму живеат во илузија дека нема да се дозволи да бидат заборавени во земјата која ја напуштиле. Но која тешко ги напушта нивните соништа.