ДХЛ Експрес Македонија ја зголеми флотата со авиони Боинг
Авионот ќе оперира пет дена седмично и два пати дневно ќе ја поврзува Северна Македонија со остатокот од светот
Компанијата за експресен транспорт и логистика ДХЛ Експрес Македонија од денеска го зголеми капацитетот на својата флота во државава, откако на аеродромот во Скопје долета 36,4 метарскиот авион од типот Боинг 737-400СФ со носивост од 23 тони.
„Авионот ќе оперира пет дена седмично и два пати дневно ќе ја поврзува Северна Македонија со остатокот од светот“, соопшти компанијата.
Оттаму посочуваат дека со новата инвестиција, од сега благодарение на карго авионот со поголем капацитет и напредна технологија, корисниците од државава ќе ги имаат на располагање стандардните транзитни перформанси (overnight delivery) со земјите од ЕУ и светот, без разлика на големината и тежината на нивните пратки.
„Со ова се отвораат и огромни можности за сите компании во Македонија за проширување и развој на својот бизнис ширум светот, како и за поевтин, но брз и безбеден транспорт на тешки или габаритни карго пратки (airport to airport), кои во минатото немаше можност да се транспортираат по воздушен пат заради ограничениот капацитетот на досегашниот ДХЛ авион, но и заради тоа што патничките авиони што слетуваат на нашиот аеродром се со мал капацитет, претежно наменет за багаж“, стои во соопштението.