ДЕВОЈКА СО МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО КИДНАПИРАНА ОД ХАМАС Семејството бара помош од Еврејската заедница во земјава

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

1,185

Наама Леви, 19-годишна девојка со потекло од Македонија, била киднапирана на 7 октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел. Информацијата за Гласот на Америка на македонски јазик ја потврдила Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката.

На социјалните мрежи веќе е објавено и видео од 19-годишната Наама Леви, а на кое се гледа дека била малтретирана. Барање за помош е упатено и до Еврејската заедница во Македонија, за да се потврди нејзиното македонско потекло, кое, како што се тврди, го има од нејзина чукунбаба.






– Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од нејзе – изјавила  професорката Друмер за Гласот на Америка.

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

– Но, киднапирана е, има слики дека е жива, но се гледа и дека била силувана. Се бара помош, да се види дали преку тоа што има македонски корени да се направи нешто. На тоа работам сега – вели професорката Друмер.

Киднапираната девојка Наама Леви била дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот.

– Таа е борец за мир. Се бореше да се зборува и да се направат контакти со нашите соседи, со луѓето од Газа – додава професорката Друмер.

За киднапирањето на Наама објавиле и од организацијата „Раце на мирот“.

„Наама дојде во организацијата со цел да научи повеќе за конфликтите и да развие вештини да создаде промени со кои сите ние ќе живееме горди, еднакви и слободни“, се вели во соопштението во кое се бара каква било помош или информација за нејзино ослободување.

Според израелските воени институции, во нападот на Хамас на 7 октомври, биле киднапирани 242 Израелци. Од нив до сега четворица биле ослободени, а еден бил спасен.

Повеќето македонски граѓани кои се наоѓаа во Израел, како и во Газа, беа евакуирани и пристигнаа во земјава преку специјални хуманитарни летови.

Поврзани содржини