ДЕВОЈКА ДО МЕНЕ БЕШЕ ЗАСТРЕЛАНА ВО ГЛАВА Преживеани сведочат за ужасниот масакр во Вирџинија

Меѓу загинатите е и осомничениот напаѓач кој работел како менаџер во маркетот, но сè уште не се знае дали се самоубил или бил неутрализиран од полицијата.

905

Ужасот што го преживеав ќе ми остави траги за цел живот – видов како девојка до мене е застрелана во главата, раскажува средовечна жена која го преживеала масовното пукање што се случи синоќа во супермаркет на „Волмарт“ во Чесапик, Вирџинија, во кој најмалку десет лица беа убиени, а уште неколку други ранети.

Меѓу загинатите е и осомничениот напаѓач кој работел како менаџер во маркетот, но сè уште не се знае дали се самоубил или бил неутрализиран од полицијата. Еден од работниците кои го преживеале нападот вели дека напаѓачот излегол од канцеларијата и наеднаш почнал да пука. Тој исто така тврди дека меѓу загинатите има и девојка и чистачка, но полицијата сè уште не го соопштува идентитетот на загинатите.






– Едно лице го молеше напаѓачот да застане, а тој ѝ рече грубо да се тргне од патот. Напаѓачот е еден од нашите менаџери. Бев во просторијата за одмор кога ги слушнав истрелите – изјави еден од работниците. Тој легнал на подот и се преправал дека е мртов за да го преживее нападот.

Полицијата сè уште не ја знае точната бројка на загинати и повредени. По повикот на лице место излегле и спасувачките и тактичките екипи, а во моментот кога пристигнале пред маркетот пукањето престанало. Полицијата не пукала во напаѓачот, но сè уште не е сигурно дали тој се самоубил или бил застрелан од некој друг.

Нападот во градот Чесапик, на 240 километри југоисточно од главниот град Вашингтон, се случува во пресрет на прославата на американскиот празник Ден на благодарноста. Ова е второ масовно пукање во САД оваа недела, откако во друг напад во ЛГБТ клуб во Колорадо беа убиени петмина луѓе.

Поврзани содржини