Девојчето ќе се описмени ама инфлуенсерите тешко ќе се опорават од својата злоба
Се прашувам, кој што научи од оваа случка? Дали девојчето и нејзините врсници се описменија преку ноќ? Дали тие што се потсмеваа сфатија дека извршиле насилство? Или лајковите се над сѐ?
Сите оние кои го искористија постот „Јос и брос“ за да испаднат креативни, интересни и смешни на социјалните мрежи, добро е прво да се запрашаат себеси колку самите се писмени и колку со овој чин извршиле онлајн-насилство и виктимизирале едно 15-годишно девојче.
Писменоста е во слободен пад кај сите генерации и секаде во светот. Ако се прашувате зошто е тоа така, сигурно ќе ви стане јасно затоа што во светот доминира еден јазик на кој сите, особено младите генерации, комуницираат – тоа е англискиот. Факт е дека денес децата многу подобро говорат и пишуваат на англиски отколку на својот мајчин јазик. Секаде во светот. Исто така, луѓето сѐ помалку читаат книги на мајчиниот јазик.
Тинејџери од Македонија, на пример, сведочат дека кога оделе на размена во Германија, зборувале литературен германски јазик за разлика од нивните тамошни врсници за кои велат дека биле „неписмени“.
Тинејџерите си имаат свој жаргон, свој говор, кој е мешавина од ним познати фрази и јазици, најчесто англиски. Секако, тоа не е оправдување за тоа што не го познаваат добро мајчиниот јазик, но тоа е објаснување. И тоа е факт што нема да се смени. Исто така е факт дека државни агенции и институции кои треба да бидат чувари на македонскиот литературен јазик, прават недозволиви грешки во нивните секојдневни дописи до јавноста.
Прашање е како е дојдено до тој коментар што е објавен и дали е реален. Како некој си дозволил да објави такво нешто, а да не помисли дека авторот кој во меѓувреме станал жртва нема да го види тоа? Како мислите дека сега се чувствува тоа дете откако било изложено на масовен потсмев?
Истовремено, сигурна сум дека сите овие „креативци“ се поборници против булинг, против онлајн-насилство и бла, бла, бла… кога тоа ќе стане тренд на социјалните мрежи, де. За жал, тоа за нив се само фрази без подлабоко значење. Тие го јавнуваат бранот на шегата и бројат лајкови со кои го зацврствуваат својот имиџ на инфлуенсери. За жал, ништо друго не им е важно, а многумина се родители на деца на кревка возраст…
Да се прави некој интересен, јавно распнувајќи девојче (демек, скроз одлична била, како можела вака да напише, ете сите скроз одлични се неписмени…) е чиста виктимизација, јавен линч и недолично однесување на интернет и мора да се осуди.
Сега младите треба да ги прашаат оние што се прават толку писмени и позначави на македонскиот јазик на социјалните мрежи – колкумина од нив знаат добро да зборуваат англиски. И да ги фатат за потсмев. Факт е дека не сите наши возрасни и умни родители знаат англиски. А меѓу нив се многумина и од оние инфлуенсерите. Им се потсмева ли некој?
Се прашувам, кој што научи од оваа случка? Дали девојчето и нејзините врсници се описменија преку ноќ? Дали тие што се потсмеваа сфатија дека извршиле насилство? Или лајковите се над сѐ?
Ова не е само мала летна шега за која не треба да се зборува сериозно, затоа што од вакви играчки, најчесто настануваат плачки. После ќе се чудиме што нѐ снашло.
Конечно, оваа епизода откри и една друга тажна вистина – девојчето „Јос и брос“ има време и шанси да се описмени, но оние, повозрасните, кои „висат“ на Фејсбук, тешко ќе се излечат од својата злоба.