Седум години затвор за специјалната обвинителка Катица Јанева и девет години за Бојан Јовановски , пресуди по 42 одржани рочишта, судијката Васка Николовска-Масевска заедно со судечкиот совет во случајот „Рекет“.
Јовановски е осуден за две кривични дела и тоа за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Јанева не дојде да ја слушне пресудата денеска, поради здравствени и семејни причини.
Судијката Николовска Масевска, при објавување на пресудата за предметот „Рекет“ рече дека во казната ќе им се пресметува времето поминато во притвор. Судот за определување на казните за сторените кривични дела, рече судијката, се водел од олеснителните, како брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите.
– Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување и за себе прибавила значителна имотна корист – мебел и 50 илјади евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка куќен притвор – рече судијката.
Во образложението за пресудата против осомничениот Бојан Јовановски, судијката Масевска истакна дека обвинетиот со незаконски прибавени средства купил луксузни облеки од различни светски брендови. Освен казна затвор од девет години, на Бојан Јовановски судот донесе одлука за да му се конфискуваат 12 илјади евра.
Според обвинението, Јовановски и Милески зеле милион и пол евра од бизнисменот Јордан Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот „Империја“, додека Јанева зела 50 илјади евра и гарнитура вредна пет илјади евра.
Судењето за предметот „Рекет” почна во декември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.
Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска тогаш образложи дека Кичеец е виновен затоа што со Боки 13 преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел врз Јанева да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка што ја водело СЈО по наредба на тогаш специјалната обвинителка Јанева за спроведување истражна постапка против Камчев , односно да му ја укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.
Случајот доби и нов тек откако истрагата на 9 октомври се прошири на уште четири лица, меѓу кои потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13 Миле Јовановски и асистентка на Јовановски Христина Блажевска.