Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер доби девет години затворска казна за шверц на дрога, одлучи Судот во Русија, според кој, таа намерно донела масло од канабис во Русија кога дошла да му се придружи на нејзиниот тим во земјата.
Претседателот на САД Џо Бајден изјави: „Уште еден потсетник за она што светот веќе го знаеше: Русија греши што ја става Бритни во притовор. Тоа е неприфатливо и ја повикувам Русија веднаш да ја ослободи.
Кошаркарката која има 31 година треба да плати и казна од 1 милион рубљи (16.300 долари), одлучи Судот. Таа во Русија игра за тимот на УММЦ во Екатеринбург од 2014 година.
Двократната олимписка шампионка е приведена во Русија откако властите рекоа дека пронашле ампули со масло од канабис во нејзиниот багаж кога минала низ московскиот аеродром Шереметјево во февруари. Вкупната количина на канабис пронајдена во ампулите е 0,7 грама.
Канабисот е нелегален во Русија и за медицински и за рекреативни цели.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 29 јули разговараа телефонски за можна размена на затвореници, која би можела да ги вклучи Гринер и рускиот трговец со оружје Виктор Бут.