ДЕТСКИТЕ ИГРАЛИШТА НОЌЕ СЕ ЗБИРАЛИШТЕ НА ХУЛИГАНИ Обновени оштетените реквизити во Центар

228

Детските реквизити на игралиштето близу трговскиот центар „Зебра“, кои деновиве беа искршени од поединци или група вандали се реконструирани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека ваквите вандалски однесувања се чести во општината и поради нив трпат и децата и општинската каса.

– Службите на Општина Центар повторно ги заменија или реконструираа искршените реквизити на детските игралишта. За оваа намена општината годишно извојува од 3 до 5 милиони денари за оштетена јавна опрема. Навистина е жално што наместо за нови проекти за граѓаните или нови игралишта за најмладите, средствата се трошат за оваа намена. Уште полошо е што ова е слика на нашата младина и образот на иднината. Ноќе детските игралишта се збиралиште на хулигани кои демолираат и ја уништуваат детската игра на најмалите. Затоа ги повикувам граѓаните доколку забележат вандалско однесување да го пријават во полиција, ги повикувам родителите да внимаваат на однесувањето на децата, а надлежните институции да ги засилат патролите и постапуваат и ги санкционираат овие појави – рече Герасимовски.






Тој нагласи дека уништувањето на урбаната опрема претставува прекршочно дело за што следуваат казни од надлежните институции.

 

Поврзани содржини