ДЕТЕТО Е ИЗГРЕБАНО ВО ДЕТСКА ИГРА, ПОВИКАНА Е ИНСПЕКЦИЈА Директорката на гевгелиската градинка „Детска радост“ тврди дека немало никакво насилство
Станува збор за детска игра во малата група со дечиња каде што настанале гребаници по лицето на едно од згрижените деца. Случајот го пријавивме до надлежно Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата, соопшти директорката на гевгелиската детска градинка „Детска радост“.
Најодговорно демантираме дека во детската градинка „Деска радост“ од Гевгелија имало насилство врз дете, реагираше Елизабета Стефановска, директорка на ЈОУДГ „Детска радост“ во Гевгелија, откако денеска пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова, истакна дека во гевгелиската детска градинка се вршело брутално насилство врз едно од децата.
„Станува збор за детска игра во малата група со дечиња каде што настанале гребаници по лицето на едно од згрижените деца. Случајот го пријавивме до надлежно Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата. По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш, тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата. Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на пратениката Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Општина Гевгелија врз ЈОУДГ ‘Детска радост’ од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа“, пишува директорката Стефановска во денешното соопштение испратено до медиумите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се согласуваат со тврдењето на Стефановска дека станувало збор за детска игра.
„Дали директорката на детската градинка Цветови и министерката Тренчевска ги виделе фотографиите од брутално истепаното бебенце? Или политички се принудени да глумат како да не виделе ништо? Одговорност за брутално истепаното бебе мора да има. Одговорноста е кај Тренчевска која му ги одзема ингеренциите на градоначалникот на Гевгелија и ѝ го продолжи мандатот на директорката Стефановска на која ова не и е прв случај на насилство. Ги повикуваме Тренчевска и Стефановска уште еднаш да ги видат фотографиите пред следен пат да пуштаат соопштенија дека се работи за детска игра. За овој случај мора да има одговорност и оставки, а не комисии од типот на комисиите на Филипче за Јилдиз, за ковид трагедиите кои немаа никаква разрешница. Немањето на одговорност и покрај тоа што признаваат дека се случил таков инцидент предизвикува во иднина да продолжат таквите инциденти и немили настани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.