ДЕТАЛИ ОД НЕСРЕЌАТА КАЈ ГЕВГЕЛИЈА ВО КОЈА ЗАГИНА ЕДЕН ОД ВОЗАЧИТЕ „Мерцедесот“ имал лажни таблички и превезувал сириски мигранти кои се меѓу повредените
Во несреќата, од здобиените повреди починал Б.Ј., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.
Едно лице загина, а 9 се повредени во синоќешната сообраќајна несреќа што се случи на патот Гевгелија-Богданци, на мостот на реката Вардар, во која учествувале четири автомобили од кои еден превезувал мигранти од Сирија.
Според информацијата од СВР Струмица, во несреќата учествувале автомобил „мерцедес“ со регистарски таблички од друго возило, управувано од Б.М.(48) од Македонска Каменица, во кое превезувал и криумчарел 7 мигранти од Сирија, „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(63) од село Богородица, гевгелиско, „хјундаи“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(42) од Гевгелија и „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Ќ.(37) од село Стојаково.
-Во несреќата, од здобиените повреди починал Б.Ј., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Б.М. и Е.Ј.(63), сопатничка во возилото „опел корса“, додека со телесни повреди се здобиле мигрантите, констатирани во болницата во Гевгелија. Увид на местото извршиле екипа на Полициската станица Гевгелија и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција – информираа од СВР Струмица.
Поради несреќата, овој патен правец беше затворен за сообраќај од 19:30 до 23:40 часот, а сообраќајот се пренасочуваше преку селото Богородица.
Во расчистувањето на последиците од тешката сообраќајна несреќа учествувале едно противпожарно возило и тројца пожарникари на ТППЕ Гевгелија.