ДЕТАЛИ ОД ДОГОВОРОТ МЕЃУ ХАМАС И ИЗРАЕЛ Жените ќе бидат пуштени први, изралеските сили ќе се повлекуваат
Во текот на првите 42 дена од прекинот на огнот, Израел ќе одржува безбедносна зона од 700 метри во Појасот Газа и ќе ги контролира коридорите Филаделфи и Нецарим, но ќе има и постепено повлекување на израелските одбранбени сили од остатокот на Газа.
Има многу работи кои би можеле да тргнат наопаку во спроведувањето на договорот за примирје и размена на заложници и затвореници меѓу Израел и Хамас, пишуваат повеќе западни медиуми. „Според Волстрит џурнал“, вистинскиот тест ќе дојде по првите 16 дена, кога страните ќе почнат да разговараат дали да ја продолжат паузата според втората и третата фаза од договорот.
Се смета дека во тој момент ќе стапи на сила и траен прекин на огнот и ќе има целосно повлекување на израелските одбранбени сили ИДФ. Во третата фаза треба да бидат вратени сите мртви заложници и според договорот да започне рехабилитацијата и обновата на Појасот под надзор на Египет, Катар и Обединетите Нации.
Жените и живите заложници ќе куртулат први
Во меѓувреме, шефот на Мосад Дејвид Барнеа ќе остане во Катар за да се испеглаат деталите од првата фаза. Што знаеме за досегашната договерена размена? Условите се сложени. Хамас треба да ослободи 33 израелски заложници во замена за 1.000 палестински затвореници и зголемена хуманитарна помош.
Три жени војници на Израел ќе бидат првите ослободени во примирјето кое Хамас и Израел треба да го запечатат до крајот на неделата. Она што е познато дека примирјето ќе започне во недела во 12 часот и 15 минути, како што најави катарскиот премиер Мохамед ал-Тани.
На седмиот ден треба да бидат ослободени уште четири жени. Договорено е прво да бидат ослободени живите заложници поради желбата на нивните фамилии да ги видат.
30 терористи за секој цивил, 50 за секоја жена војник
На седмиот ден Хамас ќе треба и да го достави конечниот список на заложници. Договорот е во шесте недели примирје Израел да ослободи 30 терористи во замена за секој киднапиран цивил и 50 терористи за секоја ослободена жена војник.
По ослободувањето на жените и двете деца Кфир и Ариел кои се на возраст од 2 и 5 години, се очекува да бидат ослободени возрасните постари од 50 години, а потоа и ранетите, меѓу кои и Јарден Бибас, таткото на Кфир и Ариел. На крајот од процесот, мртвите заложници ќе бидат вратени во Израел.
За постарите заложници, палестинските затвореници ќе бидат ослободени во сооднос 3:1, а уште 27 затвореници за секој осуден на различни казни.
210 палестински малолетници и жени ќе ја видат слободата
Дополнително, на 50 ранети членови на Хамас ќе им биде дозволено секојдневно да преминуваат преку преминот Рафа во Египет со придружба, а секој од нив ќе треба да добие дозвола од Израел и Египет. На ранетите цивили, исто така, ќе им биде дозволено да заминат.
Вкупно 210 палестински малолетници и жени ќе бидат ослободени за пет цивилни заложници и двете деца. За петте киднапирани војници ќе бидат ослободени 150 затворенички кои издржуваат доживотна казна и 100 дополнителни затвореници.
Ќе бидат ослободени вкупно 290 затвореници со доживотни казни и 1.687 други затвореници и притвореници, но конечната бројка зависи од тоа колку заложници ќе се вратат живи.
Кој ќе може да се врати на Западниот Брег?
Tерористите убијци нема да бидат ослободени на Западниот Брег, туку ќе бидат депортирани во трета земја по свој избор – Катар, Турција, Алжир или друга земја. Затворениците кои немаат крв на рацете ќе можат да се вратат во своите домови на Западниот Брег. Покрај тоа, Израел исто така се подготвува да ги врати телата на палестинските терористи во Газа.
Во текот на првите 42 дена од прекинот на огнот, Израел ќе одржува безбедносна зона од 700 метри во Појасот Газа и ќе ги контролира коридорите Филаделфи и Нецарим, но ќе има и постепено повлекување на ИДФ од остатокот на Газа.
Како дел од договорот, жителите на Газа ќе можат да се вратат во северниот дел на Појасот Газа, но нема да им биде дозволено да се вратат вооружени или да внесуваат оружје.
Нетанјаху не го дава коридорот Филаделфи
Ракувањето меѓу страните беше одложено до последен момент, а дури по објавата дека е постигнат договор, Кабинетот на премиерот побрза да издаде соопштение за појаснување во кое се наведува дека „во светло на цврстиот став на премиерот Нетанјаху, Хамас отстапи од нејзиното барање во последен момент да се промени распоредувањето на силите на коридорот Филаделфи.
Договорот за прекин на огнот за заложници допрва треба да биде конечно договорен“, и дека „деталите ќе бидат финализирани вечерва“.
Портпаролот на премиерот Омер Достри исто така истакна дека „извештаите за „повлекување од коридорот Филаделфи“ се целосна лага. Премиерот Нетанјаху не се откажа ниту од милиметар од израелската контрола над коридорот Филаделфи“.
Сепак, според обелоденетиот договор, Израел постепено ќе ги намалува силите на коридорот Филаделфи во текот на првата фаза од договорот и ќе го заврши повлекувањето најдоцна до 50-тиот ден.
Американска компанија ќе ги контролирa камионите и вагоните
Договорот вклучува и безбедносни аранжмани, преглед на возила и товарните вагони на коридорот Нецарим, кој минува низ Појасот по неговата ширина. Според планот проверката ќе ја врши американска компанија. Седмиот ден на раселените лица ќе им биде дозволено да се вратат во северниот дел на Појасот Газа, без оружје и без претрес. Дополнително, возилата ќе се пропуштаат на север, кои ќе бидат прегледани од приватна фирма.
Како дел од договорот, ќе има значително зголемување на количината на хуманитарна помош што ќе се внесува во Газа, на околу 600 камиони дневно. Израел, исто така, се согласи да го запре собирањето разузнавачки информации во Газа за време на деновите на ослободување на заложниците.