Десетте најголеми заблуди за коронавирусот во Македонија

18,189

Почитувани читатели, како што забележувате, веќе извесно време ретко пишувам за коронакризата. Да бидам искрен, се изморив и се обесхрабрив. Така како што Македонија веќе во втор бран ја губи битката со пандемијата на теренот, така и заблудите за ова зло ги совладаа сите обиди на некои луѓе и македонската стручна и општа јавност да се вклучат во глобалниот брејнсторминг, во глобалната дебата за иновативните стратегии во борбата против ковид-19. За жал, еден значаен дел од тие опасни тези се конструкции на владината пропаганда. Во овој текст, ќе ги набројам и кусо ќе ги анализирам десетте најголеми заблуди за коронавирусот во Македонија.

1. Коронавирусот не постои. Дури и ако постои, тој не е поопасен од обичен грип.






Ова бездруго е најтрагичната заблуда за коронавирусот, која е широко распространета на социјалните мрежи и низ сите други канали на интерперсоналната комуникација. Погрешно се смета дека таа е последица на организирано ширење лажни вести, иако не ја исклучувам можноста да постојат и такви активности. Проблемот е многу посериозен, бидејќи оваа заблуда е поврзана со нашата традиција на отпор кон превентивната здравствена заштита и кон феноменот на медицинска запуштеност, карактеристичен за примитивните и неорганизирани општества. Ние сме едно такво општество. Затоа, не ја оправдувам, но ја разбирам таа заблуда, како што го разбирам и отпорот на дел од луѓето да се лекуваат во болнички услови дури и тогаш кога се заболени од ковид-19. Ја разбирам и сѐ пораширената пракса во епидемиолошките анкети да се даваат лажни податоци, како и одбивањето воопшто да се соработува со епидемиолозите.

Дополнителен проблем се создава кога медицински експерти и луѓе кои дизајнираат здравствени политики и носат клучни одлуки, во обид некако да го релативизираат трагичниот факт дека во Македонија има исклучително висока смртност од ковид-19 (највисока во регионот, но и пошироко), надвор од реалниот контекст, пласираат инаку точни информации дека во нашата земја смртноста од некои други болести, вклучувајќи го тука и „обичниот“ грип, е помала од смртноста од ковид-19. Таа теза е со фејкуван контекст. На пример, се вели дека смртноста од кардиоваскуларни болести во Македонија е многу поголема од смртноста од ковид -19. Тоа е точно, но не се кажува дека човек не може да се зарази од инфаркт, како што може да се зарази со коронавирусот. Смислата на пласирењето на вакви факти во фејк контекст е да се засили коронаскептицизмот кај обичните луѓе. А тоа, пак, ги поттикнува недисциплината и ризичното поведение на населението.

2. Народот е виновен, затоа што е недисциплиниран, необразован и прост.

Пред два дена, министерот за здравство Венко Филипче изјави: „Имаме втор бран, кој е резултат на непочитување на мерките за собири и групирања“. Изјавата имплицира дека народот е виновен за непочитувањето на „мерките за собирања и групирања“. При тоа, оваа теза се потпира на инаку широко распространетото уверување дека луѓето не ги почитуваат рестриктивните мерки, нешто што и не е далеку од вистината.

Но, последниов полициски час, од кој денеска (сабота, 6 јуни) сѐ уште не сме излезени, најдобро ни покажа како здравствените власти и техничката влада ги дизајнираат мерките за социјално дистанцирање и другите рестрикции. Одлуката за полицискиот час беше соопштена 24 часа пред неговото стапување во сила. Во Скопје посебно, но и во другите градови, се направи невиден метеж во маркетите и на пазариштата, бидејќи луѓето немаа доволно време да се организираат и да се снабдат со сѐ што им е неопходно за тридневниот карантин. Дополнителна збрка предизвика одлуката на голем број скопјани, вклучувајќи ги и „натурализираните“, решија да го напуштат главниот град и викендот да го поминат во внатрешноста. А сѐ можеше да биде барем малку поинаку, ако одлуката за полицискиот час беше донесена и јавно соопштена 48 часа пред нејзиното стапување во сила и ако на вработените во јавната администрација не им се дозволеше масовно да ги напуштаат работните места уште пред 14 часот во четвртокот, кога улиците во Скопје веќе беа полни со возила тргнати во „евакуација“ од метрополата.

Слични, нецелосни, компромисерски, задоценти, непрактични и неодговорни одлуки здравствените власти носеа и за време најголемите верски празници, предизборно кокетирајќи со верниците и со верските водачи. Со неодговорната најава дека „нема друг терми за парламентарни избори освен 21 јуни“ и со одлуката за укинување на полицискиот час, здравствените власти и техничката влада упатија јасна и недвосмислена порака до „виновниот“ народ дека коронавирусот веќе е победен и дека следи целосна релаксација на репресивните мерки. Беше тоа чин на врвна експертска и политичка одговорност, порака со која народот директно се поттикна на недицсиплина и на ризично поведение. И нормално, откако чуја дека изборната „журка“ ќе се случи набрзо, откако разбраа дека вирусот е „мртов“ и откако се убедија дека животот се враќа, луѓето побрзаа во кафеаните и на разни собиранки да ја прослават „новата нормалност“. Вториов бран е директна последица на таквите неодговорни и популистички одлуки, кои се експлицитна потврда на лошото менаџирање на коронакризата.

Инаку, напишав неколку пати и пак ќе повторам – народот во Македонија е таков каков што е, многу не се разликува од другите балкански народи. И секако, ќе мине долго време додека се сменат менталитетот и свеста на овој народ. Впрочем, да не се менталитетот и свеста такви какви што се – имено, ропски! – ретко кој од луѓето кои владееја и владеат со Македонија во последните три децении би се осмелил дури и да претендира на било каква политичка функција. Ретко кој би заслужил да биде претседател на куќен совет…

3. Министерството за внатрешни работи е виновно за ширење на заразата.

Оваа заблуда ја шири пи-арот на СДСМ и ја насочува директно и единствено кон министерот Наќе Чулев. Предизборно, според очекувањата. При тоа, свесно се игнорира фактот дека командната одговорност за сите полициски единици е непосредна надлежност на директорот на Бирото за јавна безбедност, а не на министерот. Но, немам никаква намера да го бранам Чулев, бидејќи и тој сноси дел од одговорноста за постапувањето на полицијата, такво какво што е.

Клучната заблуда извира од непознавањето на надлежностите на МВР, односно од игнорирањето на фактот дека припадниците на полицијата имаат директни овластувања кои произлегуваат од закони и од подзаконски акти. Тие не смеат да дејствуваат според сопствена проценка и слободно убедување (освен ако не се сведоци на вршење на кривично дело), туку по наредба. Наредбите, пак, се поврзани со мерките кои се однесуваат на одржувањето на јавниот ред и мир во специфични услови на донесени масовни репресивни мерки (полициски час, карантин и слично). Но, полицајците немаат ниту надлежност ниту стручно знаење да спроведуваат епидемилошки мерки и да вршат контрола на нивното спроведување, бидејќи за тоа се задолжени други служби и органи.

Најстрашното од сѐ е тоа што пи-арот на СДСМ смислено шири нереално очекување најголемите проблеми на ширењето на заразата (конфликти при епидемиолошките анкети, неносење заштитни маски, одбивање за тестирање или лекување и слично), да се решат со полициски интервенции и со масовни полициски репресалии, што е повеќе од ноторна глупост. Велам повеќе, затоа што на овој начин се засилува авторитарната свест на народот.

4. Вирулентноста значајно слабее.

Објаснувајќи ја природата на овој втор епидемиски бран, министерот Венко Филипче изјави дека „вирулентноста значајно слабее“. Не знам за вас, но јас не разбрав што точно мисли Филипче со оваа реченица и на што ја базира таа сензитивна изјава. Следам што се пишува во релевантните медиуми за природата на коронавирусот и за карактеристиките на пандемијата и досега никаде не сум сретнал научно поткрепена теза дека „вирулентноста значајно слабее“. Додуша, врз база на истражувања во САД, пред повеќе од еден месец, се пишуваше за очекувањата вирулентноста значајно да ослабне со засилување на ултравиолетовото зрачење во летните месеци, но таа теза засега не доби поцврста научна поткрепа, а некако и не се потврди во реалноста. Со ширењето на оваа заблуда, за жал, исто така се охрабрува безразложниот оптимизам на граѓаните.

5. Вториот бран многу кратко ќе трае.

Ме изненади и оваа изјава на министерот Филипче. Не знам врз основа на какви стручни и научни наоди тој ја темели оваа своја прогноза, особено во време кога втор бран имаме и во некои други земји, како во Србија и во Италија, на пример. Освен тоа, Филипче и Комисијата за заразни болести ги промашија сите свои досегашни прогнози. Да се потсетиме дека се прогнозираше Македонија да ја „преживее“ пандемијата со околу 2.000 случаи, а веќе во овој момент ние се доближуваме и за ден-два ќе стасаме до бројката од 3.000 случаи. Да не зборувам за прогнозите за фамозните пикови…

Подобро би било и министерот и епидемиолозите да се држат до вториот дел од изјавата на Филипче, кој додава: „Но, да останеме максимално внимателни и претпазливи“. Внимателниот и претпазлив менаџер на коронакризата сепак нема да каже дека вториот бран ќе трае кратко, ако не е уверен дека така и ќе биде – со таа изјава на луѓето исто така им се испраќа фејк порака и охрабрување, без никаква реална подлога.

6. Новите случаи се резултат на зголемен број тестирања.

Ова тврдење не е неточно, но сепак е заблуда и манипулација. Еве зошто. Уште на почетокот на пандемијата, повикувајќи се на искуства на земјите кои добро се справуваа со кризата, а респектирајќи ги нашите скудни капацитети и можностите за нивно итно засилување, напишав дека бројката од 1.000 до 1.200 тестирања дневно за Македонија е стандардна, нормална бројка, а не „зголемена“. Нашата земја до сега има спроведено близу 16.000 тестирања на 1 милион жители, што е повеќе од Бугарија и од Албанија, на пример, но е помалку од Грција и од Хрватска, а речиси двојно помалку од Србија.

Камо среќа Македонија да прифатеше стратегија на масовни тестирања на самиот почеток на пандемијата, тогаш кога и јас како лаик, но и дел од стручната јавност, апелиравме за значајно омасовување на тестирањата. Да ја прифатеа таа стратегија, здравствените власти ќе оствареа многу поефикасна епидемиолошка контрола на теренот и денеска и ние, како и Хрватска и Грција, на пример, но и како Србија, која во од ја промени стратегијата, ќе имавме многу пооптимистичка ситуација. За жал, ние тогаш имавме алгоритам за тестирање кој не им дозволуваше дури и на најблиските на заболените од ковид-19 да се тестираат, ако и самите немаат симптоми. Тоа беше еден очајно глупав алгоритам и редно е тоа некој да го признае!

Оттаму, вистината е следната: омасовувањето на тестирањата во Малкедонија, всушност, ни покажа колкава била заблудата на здравствените власти дека со помалку и „таргетирани“ тестирања ќе се постигне целта. Денес, кога многу повеќе луѓе се тестираат, кој државно кој приватно (сега и на лекарите и на политичарите им се добри тестовите на приватните клиники и лаборатории), доаѓаме до сознанието дека и тогаш кога сме имале малку тестирања, ние сме имале голем број заразени, но тие едноставно не биле откривани. Дел од нив се откриваа кога луѓето доаѓаа во болниците со тешка клиничка слика, некои буквално пред умирање. Имаше и такви кои се откриваа постхумно.

7. Близу 90 отсто од случаите во овој втор бран се асимптоматски и се со многу лесни симптоми.

Овој податок, што го соопшти министерот Филипче, веројатно е точен (јас сум противник да се оспоруваат официјално соопштените бројки, иако овој процент ми е малку чуден и како изваден „од ракав“), но тој повторно води кон една опасна заблуда – кон погрешниот заклучок дека вирусот станува помалку опасен и дека поради тоа можеме да се опуштиме, бидејќи дури и да се заразиме, сега се поголеми шансите вирусот да го прележиме без болест, од нога што се вели.

За ова е свесен и самиот Филипче, кој додава: „Но, оваа воопшто не треба да значи дека вирусот не е опасен“. Е па ако тоа не значи тоа, тогаш министерот воопшто и не треба да изнесува такво контроверзно тврдење! Дотолку повеќе што асимптоматските случаи се опасни за својата околина, за сите луѓе со кои стапуваат во контакти, бидејќи тоа што тие луѓе немаат симптоми не значи дека не го шират вирусот. Напротив.

8. Ситуацијата е под контрола, околу 15 семејства вкупно носат 90 отсто од новите случаи, што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери.

За жал, освен што е заблуда, голема е веројатноста ова тврдење да е ноторна лага. На тоа упатува и процентот „90 отсто“, за кој сѐ повеќе верувам дека министерот Филипче го употребува жовијално – кога сака да каже многу, тој веројатно вели „90 отсто“.

Со ова не сакам да кажам дека министерит свесно ја лаже јавноста, попрво мислам дека пренесува лажни вести, што му ги сервира  некој од Комисијата за заразни болести. Во повеќе наврати истиот Филипче признава дека освен познатите кластери, има и нови, а и „спорадични“ случаи. Жалам, но тешко ми е да поверувам дека во еден ден можат да се регистрираат 180 нови случаи и 90 отсто од нив да потекнуваат од 15 семејства. Мислам дека во ова никој веќе не верува.

Општо земено, при ваков драматичен раст на нови заразени (денеска, 6 јуни, имаме најмалку во овие денови, „само“ 125 нови случаи), да се тврди дека „ситуацијата е под контрола“ е повеќе од неодговорно и трагикомично. Да се каже  дека такво нешто, а во седум клиники во Клиничкиот центар да имате заразени, при што на некои од нив „Мој термин“ веќе е откажан до крајот на јуни, значи да се зборува нешто што сериозно не кореспондира со реалноста.

9. Не сме најлоши во регионот.

Е па, за жал, баш најлоши сме!

Ја разбирам потребата на здравствените власти во нашата земја и посебно на сдсмовскиот дел од владата, во предизборниов период, да се пофали дека Македонија добро се справува со коронакризата. Но, јас не прифаќам да се споредуваме со самите себеси, односно со ништо, со нула. Можеби не можеме да се споредуваме со некои развиени земји со големи здравствени капацитети и со богати здравствени каси, или со некои многумилионски држави со поинакви системи и традиции, но можеме и мораме да се споредуваме со земјите во регионот. Затоа што ни се соседи, затоа што сме меѓузависни, затоа што луѓето ни се блиски по менталитет, а некои земји и по капацитетноста на здравствените системи.

Веќе подолго време едноставните статистики, кои повремено ги објавувам, покажуваат дека сепак сме најлоши во регионот. Според последните, денешни податоци на worldmeters.info/coronavisus/, Македонија денеска има 125 нови случаи, што е највисока апсолутна бројка во регионот (Србија има 74 нови случаи, Бугарија 41, Албанија 20 итн). Македонија има 1.124 активни случаи, а Грција, на пример, земја со пет пати повеќе жители од нашата, има 1.413 активни случаи (Србија има само 437 активни случаи, Бугарија 980, а Албанија одвај 273). Македонија има вкупно 1.399 случаи на 1 милион жители, со што е апсолутен рекордер во регионот (ја надминавме и Србија, која има 1.363 случаи на 1 милион жители). И по смртноста сме апсолутни рекордери на Балканот – имаме 72 мртви на 1 милион жители, додека Србија има 28, Хрватска 25, Бугарија 23, Грција 17, Албанија 12.

Тоа се бројките. Тоа се фактите. Ако за првиот епидемиски бран можеше да се дебатира дали Македонија е токму најлошата во регионот Западен Балкан, сега нема дилеми дека ние сме апсолутен лидер и на вториот бран и на пандемијата од нејзиниот почеток. Лидер по лошите бројки, за жал.

10. Мора да научиме да живееме со коронавирусот, се прават сценарија тој да биде присутен до 2025 година.

Ова е најманипулативната теза што ја имам слушнато во последно време. Смислата на ова тврдење, кое не мора да е неточно (напротив, сериозните експертски центри и треба да прават долгорочни сценарија), е на народот да му се упати порака дека е сосема можно да се случи оваа трагична ситуација да не се промени во следните четири години и дека поради тоа, треба да се помириме со сознанието дека можеби ќе мораме да живееме со вакви бројки, во вакви околности и со вакви ограничувања уште долго време.

Оваа теза е директен доказ зошто полувистините понекогаш се полоши и од лагите. Имено, веројатно е точно дека се прават футуристички сценарија (додуша, засега без цврста научна подлога), но ниту едно сценарио не предвидува битката со пандемијата да запре и единствениот начин на борба со ова зло да биде соочувањето со немоќта на заедницата да се справи со пандемијата. Напротив, науката и медицината во светот се трудат да се смислат нови епидемиолошки методи и протоколи, но и да откријат вакцина за коронавирусот и лек за ковид-19. Никој и никаде, во ниту едно сериозно сценарио, нема кажано дека тоа нема да се случи до 2025 година!

Оваа песимистичка теза и заблуда се шири намерно, со цел кај луѓето да се засили инаку традиционалното верување дека волјата на човекот и неговите можности и амбиции се немоќни да го совладаат она што е последица на судбината, на непознатото. Таа дефетистичка заблуда опасно ги обесхрабрува и ги пасивизира луѓето, наведувајќи ги ова зло, барем во следните четири години, да го прифатат како неизбежна судбина.

Конечно, мислам дека ширењето на дефетизмот и на демотивираноста на луѓето, е заеднички именител на сите овие заблуди, кои во еден значаен дел, за жал, се производ на пропагандата на власта, за да се создаде предизборно алиби за лошото менаџирање на коронакризата. Сѐ е подредено на таа цел, вклучувајќи ја, за жал, дури и (не)спремноста на заедницата на елементарно ниво да се мотивира и да се организира, за луѓето да партиципираат во битката со пандемијата.

Колку неодговорно и нехумано!

 

Поврзани содржини