ДЕСЕТ ПОЛИЦАЈЦИ ЗАМИЖАЛЕ ПРЕД НЕПРАВИЛНОСТИТЕ ВО КАБАРЕТО „ПУЛС“ Шестмина се уапсени, тројца се во притвор, а еден е во бегство
Сите пријавени се лица кои во различни периоди имале полициски функции во СВР Штип и Кочани. Според истрагата, тие потпишувале согласности и известувања дека локалот ги исполнува условите за заштита од пожари, јавен ред и безбедност, иако тоа не било точно.
Шест полициски службеници се уапсени, по еден се трага, а тројца веќе се во притвор, откако Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против вкупно 10 лица, поради сомнение дека со своите постапки придонеле кабарето „Пулс“ во Кочани да добие дозвола за работа, иако не ги исполнувало потребните услови за безбедност.
Во истиот објект на 16 март годинава изби пожар, во кој трагично загина 61 лице.
Сите пријавени се лица кои во различни периоди имале полициски функции во СВР Штип и Кочани. Според истрагата, тие потпишувале согласности и известувања дека локалот ги исполнува условите за заштита од пожари, јавен ред и безбедност, иако тоа не било точно.
Истражителите посочуваат дека уште во 2012 година, првопријавениот полициски службеник дал зелено светло за објектот, потпишувајќи документ дека „Пулс“ има соодветен план за заштита од пожари. Ова му овозможило на сопственикот на кабарето да добие лиценца од Министерството за економија и да почне со работа.
Во наредните години, неколку други инспектори и началници од штипската и кочанската полиција продолжиле да даваат позитивни мислења и покрај тоа што постоеле пријави за нарушувања на јавниот ред во и околу објектот. Во извештаите до институциите намерно биле изоставени или биле прикриени информации за инциденти, а дел од пријавените службеници дури и не спровеле никакви проверки на терен.
Истрагата открива дека на 21 јануари 2022 година, неколкумина од пријавените, меѓу кои командирот на полициската станица во Кочани и други раководни кадри, потпишале документ со кој повторно се тврдело дека кабарето ги исполнува сите безбедносни стандарди. Тоа било клучно за продолжување на дозволата за работа, непосредно пред да се случи кобниот настан.
Пожарот кој го проголта објектот во март, а со тоа и животите на 61 човек, сега се поврзува со систематски пропусти и прикривање на ризиците од страна на службени лица кои требало да ја гарантираат јавната безбедност.
Од МВР информираат дека шест од пријавените веќе се уапсени, по едно лице се трага, а тројца веќе се наоѓаат во притвор по други основи. Сите се товарат за тешки дела против општата сигурност, со што, како што стои во пријавата, сериозно ја довеле во опасност безбедноста на граѓаните.
И од Јавното обвинителство потврдија дека постапувајќи по кривичната пријава од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања донесе наредба за спроведување истрага против 10 полициски службеници.
„Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.1.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Осомничените, како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител, се додава, ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Кривичниот суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка.
Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција продолжува со предистражни дејствија во насока на откривање на нови лица инволвирани во случајот, додаде ЈО во соопштението.