ДЕСЕТ ОСИГУРИТЕЛИ ФАТЕНИ ВО КАРТЕЛ Сите заедно ги кренале цените на полисите за автомобилска одговорност
Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека десет осигурителни компании тајно координирале поскапувања.
Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое официјално утврди постоење на картелно однесување меѓу десет осигурителни компании на македонскиот пазар.
Од институцијата информираат дека во прекршокот се инволвирани следните друштва за осигурување: „Евроинс осигурување“, „Триглав осигурување“, „Македонија Скопје – Vienna Insurance Group“, „Сава осигурување“, „Еуролинк“, „Граце“, „Уника“, „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Кроација осигурување“.
Картелното однесување се однесува на сегментот осигурување од автомобилска одговорност – задолжителната полиса што секој сопственик на возило мора да ја плати при регистрација.
Според образложението на Комисијата, во постапката е утврдено дека осигурителните компании во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година разменувале чувствителни деловни информации, координирале активности и во многу краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот од премијата наменет за вршење дејност – т.н. режиски додаток.
„Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата по своја цел, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со колективно координирано дејствување, што е строго забрането“, соопштуваат од Комисијата.
За утврдените прекршувања изречени се глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.