Дерковски: Ако треба да гласаме со маски, прашање е колку граѓани ќе излезат да гласаат

При ажурирањето на Избирачкиот список може да се случи да треба да се направат промени во податоците во просек кај над 15.000 граѓани. Според податоци од Заводот за стататистика во земјава месечно умираат од 2.500 до 2.700 лица, вели Дерковски.

490

Прочистувањето на Избирачкиот список е уште еден аргумент против одржувањето на избори затоа што за таа операција ќе биде потребно време кое и законски, но и практично за спроведување на целата операција до денот на гласањето би траелo до два месецa, велат во Државната изборна комисија (ДИК).

Оливер Дерковски, претседателот на ДИК за Плусинфо објаснува дека не смее да се брза со изборите не само поради вонредната состојба во државата предизвикана од епидемијата со ковид-19, туку и поради фактот што Избирачкиот список кој сѐ уште не е заклучен треба да се прочисти, во него да се внесат податоците на граѓаните кои се стекнале со право на глас, откако беа одложени изборите на 12 април. Потоа, да се прочисти од починатите лица и да се внесат промени настанати во личните документи на граѓаните.






– Откако ќе се ажурира Избирачкиот список го доставуваме до политичките партии, а за целата таа процедура потребно е време, но прво секако треба да се закажат изборите, а дури потоа да почнат да течат роковите. Најважно е да не се брза со избори, не смееме да си дозволиме поради брзање да ја доведеме во прашање регуларноста на изборите. При ажурирањето на Избирачкиот список може да се случи да треба да се направат промени во податоците во просек кај над 15.000 граѓани. Според податоци од Заводот за стататистика во земјава месечно умираат од 2.500 до 2.700 лица – вели Дерковски.

Претседателот на ДИК порачува дека прво треба да се создадат фер и регуларни услови за одржување на изборите на кои излегуваат повеќе од еден милион граѓани, а дури потоа да се утврдува датумот на изборите.

Откако ќе се укине вонредната состојба и кога ќе падне политичкиот договор за денот на изборите , според законски пропишаните рокови, ДИК ќе треба за два месеца да ги заврши сите обврски за организацијата на изборите.

Освен потребниот период од 60 дена за организирање на изборите, првиот човек на ДИК ја поставува и дилемата за излезеноста на гласачите на денот на изборите во услови на здравствената криза која предизвикува страв и немир кај граѓаните, луѓето ќе треба да гласаат со маски и со ракавици, на социјална дистанца, па прашање е дали ќе излезат на гласачките места, ако треба да направат избор меѓу здравјето и гласањето.

– Затоа е многу важно да не се брза со изборите, тие пред сѐ, треба да бидат регуларни и спроведени во нормални услови – порачува претседателот на ДИК Оливер Дерковски.

 

Поврзани содржини