ДЕПОНИИТЕ НЕКОЈ НАМЕРНО ГИ ПАЛИ ПРЕД ИЗБОРИ Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна истрага, пожарите ги поврзуваат со СДСМ-ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ–ДУИ прибегнале кон подметнување пожари на депониите во Скопје за да предизвикаат страв, хаос и загадување, а партијата бара итна истрага од надлежните институции.
Скопје се соочува со серија инциденти на депонии кои се палеа во последните денови, а ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека зад овие случувања стои „злосторничкото здружение“ СДСМ–ДУИ. Во соопштението на партијата се вели дека поразот на изборите ги натерал претходните власти да прибегнат кон „најопасни и криминални методи“.
„Наместо политики, тие подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, „со години СДСМ и ДУИ управуваа со ‘Дрисла’ и ‘Вардариште’. Тие ветуваа фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух. Сè остана само на хартија. Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето“.
„Скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, за воспоставување систем за селекција на отпад и за зајакнување на јавната хигиена. Разликата меѓу криминалното наследство на СДС–ДУИ и нашиот одговорен пристап е јасна и видлива“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставуваат низа прашања за овие инциденти:
Зошто депониите почнаа да „горат“ токму пред локалните избори?
Зошто „Дрисла“ повторно загадува и гори отпад?
Дали постои организирана структура зад овие дејствија?
„Затоа повикуваме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на овие структури во намерното палење на депониите“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата заклучува дека „граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДСМ–ДУИ“ и потенцира дека овие настани се последен очајнички потег на поранешните власти.