Деновиве ќе се печеме како под вршник, на температури над 40 степени!

За заштита во пеколните денови, лекарите препорачуваат да се внесуваат многу течности, електролити, свежо овошје и зеленчук, а предупредуваат дека најчувствителни на високите температури се хронично болните, пациентите со кардиоваскуларни заболувања, лицата со низок притисок, психички болните лица, како и децата.

845

Пеколните денови во Македонија повторно пристигнаа и следат натпросечни температури за овој период од годината. Лекарите советуваат да се внесуваат многу течности, електролити, свежо овошје и зеленчук и да се избегнува излегување од дома од 10 до 17 часот.

Ваквите  препораки на лекарите пристигнуваат по најавата за портокаловото ниво на опасност од високите температури, од страна на метеоролозите.






Од Управата за хидрометеоролошки работи известуваат дека ќе биде многу топло, со натпросечни температури за овој период од годината. Се очекува живата во термометарот да се искачи до 41-от степен.

Метеорологот Славчо Попоски, пак, информира дека максималните температури ќе се бидат во интервал од 35 до 43 степени, а тоа ќе трае до крајот на оваа седмица. УВ индексот ќе има многу висока вредност, а ќе бидат присутни и Сахарска прашина и песок, со што атмосферата ќе биде заматена и ќе има намалена видливост.

Според последните анализи со кои располагаат метеоролозите, ќе мора да се подготвиме за подолг жежок период, односно, дури до следната недела.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

 

Поради оваа ситуација, Сојузот на синдикатите на Македонија бара да се заштити здравјето на работниците во услови на топлотен бран, односно, да се обезбедат соодветни услови за заштита од топлински стрес.

„Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците“,велат од ССМ.

Сојузот им препорачува на работодавците да ги проверат техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и климатизација), да ги контролираат микроклиматските параметри, да обезбедат минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“, а повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работните обврски.

За заштита во пеколните денови, лекарите препорачуваат да се внесуваат многу течности, електролити, свежо овошје и зеленчук, а предупредуваат дека најчувствителни на високите температури се хронично болните, пациентите со кардиоваскуларни заболувања, лицата со низок притисок, психички болните лица, како и децата.

Водата е клучна за одржување рамнотежа во организмот во овие пеколни денови

 

– Најважно е хронично болните лица навремено да ја земаат терапијата која им е препишана од нивниот специјалист и од матичен лекар и течностите постојано да се надоместуваат. Пациентите со висок крвен притисок мора да внесуваат течности, бидејќи лековите кои ги примаат го намалуваат крвниот притисок, односно организмот губи течности. Исто така, самото тело ги троши течностите за да ги задоволи своите метаболички потреби. Течностите кои ги внесуваат не смеат да бидат под 1,5 до 2 литра. Болните од гастроентеритис, пак, треба да продолжат да се водат според специјална диета во која исто така предвидува внес на електролити, на пример, оризова вода, компири, банани и супа со морков. Психички болните луѓе во ваквите екстремни темпертури се посебно вознемирени и треба да имаат голема поддршка од семејството – објаснува д-р Виолета Стојановска.

Лекарите препорачуваат и поголемо внимание при посета на базените, или пак при капење во базените кои ги имаат дома. Родителите да бидат со поголема контрола врз децата, бидејќи предолгото останување во базените може да доведе до сончаница или топлотен удар.

– Внесот на течности е задолжителен и главно се мисли на вода. Засладените течности или алкохолите не спаѓаат во течностите кои треба да ги внесувате. Пијте по неколку голтки вода на секои 10 минути, а пред јадење задолжително испијте чаша од 250 милилитри, не многу ладна вода. Доколку имате правилна исхрана, односно ако внесувате лесно преработлива храна и не пиете алкохолни пијалаци, тогаш дневниот внес на вода не смее да биде под 2 литри. Но, доколку е спротивно, тогаш треба да ја зголемите количината на вода – објаснуваат лекарите.

Поврзани содржини