ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА Ќе се слушнат дела од различни периоди и автори
Во фокусот на годинашното фестивалско издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски - 100 години од раѓањето, Стефан Гајдов - 120 години од раѓањето и Кирил Македонски - 100 години од раѓањето.
Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) го најавува 48. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, што започнува денеска и ќе трае до 16 октомври.
Откако првично беше закажан за март–април, фестивалот беше одложен за есенскиот период и ќе се реализира со прилагодена програма, нудејќи богат избор на премиерни изведби и стилски разновидни музички дела. Куратор на годинашното издание е композиторот Филип Иванов.
– Со својата препознатлива програмска концепција, ДММ нуди продлабочен увид во актуелните тенденции на македонската музичка мисла, истражувајќи нови форми на музичка експресија и креација. Публиката ќе има можност да ги проследи креативните остварувања на македонските композитори низ изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат во обликувањето на денешната современа музичка сцена. Манифестацијата што полека заокружува петдецениско постоење е од исклучително значење за целокупната македонска музичка култура и уметност и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови – се наведува во соопштението од СОКОМ.
„Деновите на македонската музика“, како што е најавено, повторно ќе отворат прашања за релациите меѓу локалното и глобалното, традицијата и современиот израз.
„Оваа симбиоза ќе биде претставена преку селектираните дела, но и преку традиционалните меѓународни соработки, што ја ставаат македонската современа музика во поширок контекст“, се додава во соопштението.
Предвидено е на десет концерти да бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Да настапат седум ансамбли и камерни состави, како и повеќе од 30 солисти, а свеченото затворање на фестивалот со оркестарот Филхармонија, според најавата, ќе биде во знакот на одбележувањето на два големи авторски јубилеи.
– Програмата опфаќа дела од различни творечки периоди на македонската уметничка музика и автори од повеќе генерации. На тој начин се нагласува континуитетот на современата македонска музичка мисла, нејзината динамика и отвореност кон современите естетски текови. Иако делата се разликуваат по стил и авторска поетика, нив ги поврзува заедничка идејна нишка – тие ја афирмираат препознатливоста на македонското музичко творештво, во сите негови форми – се истакнува во соопштението.
Во фокусот на годинашното фестивалско издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски – 100 години од раѓањето, Стефан Гајдов – 120 години од раѓањето и Кирил Македонски – 100 години од раѓањето, автори и дејци кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.
Меѓу ансамблите и уметниците во програмата оваа година се запишуваат: Фестивалскиот камерен оркестар под диригентство на Иван Еминовиќ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака“, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет Philharmonic5, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“ како и меѓународните гости – пијано триото „Astnide“ од Германија.
– Традиционално, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на најмладите – композиторите и студентите по музика, се нагласува во соопштението.
Фестивалот е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и финансиски поддржан од Министерството за култура. Автор на графичкото решение на 48. „Денови на македонска музика“ е Владимир Лукаш.
Влезот на сите настани е слободен.