ДЕНОВИ ЛИ СЕ ДЕНОВИ, АРГАТСКИ МАКИ ГОЛЕМИ! На кремпити во Самобор

Се потсетивме на стиховите на Кочо Рацин додека стоевме пред таблата на ѕидот од некогашната печатница каде што пред 82 години е отпечатена неговата стихозбирка „Бели мугри“. Таблата, бистата на поетот, оригиналниот ракопис, но и највкусните кремпити (кремшнити), се наоѓаат во Самобор, најхрватскиот, но и најмакедонскиот од сите хрватски градови

1,013

Како што вели хрватскиот поет, новинар и патеписец Антун Густав Матош, „Самобор е најхрватски од сите хрватски градови“, но на многумина не им е познато дека Самобор е и најмакедонски од сите хрватски градови. За среќа, тоа им е познато на нашите домаќини кои ни овозможија да го посетиме ова гратче, недалеку од Загреб, кое изгледа како да е излезено од бајките, а освен по печатењето на едно од најзначајните дела на македонската поезија, познато е и по највкусните кремпити (кремшнити).






Имено, на 25 ноември 1939 година, во печатницата на Драгутин Шпулер излегува од печат стихозбирката „Бели мугри“ заради која нејзиниот автор Кочо Рацин (1908 – 1943), се смета за основоположник на современата македонска литература.

Делото е отпечатено илегално, во тираж од четири илјади примероци, содржи 23 песни и е капитално дело на македонската поезија и на модерната македонска литература. Се разбира, делото е отпечатено на македонски јазик, а оригиналниот ракопис на Рацин се чува во Самоборскиот музеј, и секоја година, по повод објавувањето на збирката, голема делегација Македонци доаѓа во Самобор да му оддаде почит на големиот поет.

Пред Самоборскиот музеј е поставена биста на поетот, а за да стасате до Музејот треба да поминете преку едно од многуте мали дрвени мостови во гратчето кое го носи името на градот Велес.

Соработката помеѓу градовите Велес и Самобор е започната во 1977 година, кога е поставена и спомен плочата на некогашната печатница и споменикот на Кочо Рацин во паркот на Музејот.

Убаво е кога во туѓ град ќе се почувствувате како дома, а во Самобор е тоа навистина лесно. Тоа е можеби најчистиот град во „Лијепа наша“, а каде и да се завртите гледате бајка.

Шума, река, дрвени мостови, многу цвеќиња и мирисливи рози, црквички, куќички, а во сите кафулиња на плоштадот, единствена понуда на кремпити (кремшнити), она по што, освен по Рацин, е најпознат градот Самобор.

И точно е она што велат, не можете да верувате додека не пробате. Ние пробавме и заборавивме на сè, и на вратот ѓердани, ниски камења студени и на аргатски маки големи!

А стиховите на Рацин останаа некаде во минатото, кога животот бил навистина „пуст да е, пуст да би останал живот кучешки“. Во моментот се чувствувавме како кралеви.

Поврзани содржини