Денот на неизмерната глупост на власта

594

Се разбира дека непојавувањето на властелинската врхушка пред споменикот на Гоце Делчев на државниот празник Ден на македонската револуционерна борба можеме да го припишеме на нивната лична и групна некултура, невоспитување, непочитување не само на државниот празник туку и на ликот и делото на Делчев (независно од историското ВМРО и никако во врска со денешното ДПМНЕ!), па и на одамна констатираниот провинцијализам односно простотија. И секој кој така го гледа ова нивно однесување, ќе биде во право.

И не еднаш тие на дело ги потврдиле овие „епитети“ па веќе поинаку и не можеме да ги гледаме. А понекогаш, или доста често, ваквото нивно однесување сакаме да го припишеме и на нивниот кукавичлак, стравот и криењето од јавноста/народот односно неговата можна реакција, во што исто така има доза на вистина. И тоа што би го добиле при една таква „средба“ би било целосно заслужено.






Но, генерално, таквото нивно недолично однесување е одраз на сето погоре спомнато (некултура, невоспитување, непочитување, простотилак и провинцијализам), но и на нивната безмерна глупост. Зашто, нема поголема глупост што може еден политичар да ја направи од непојавувањето пред јавноста на еден таков празник, а особено пред споменикот на една таква личност. Супституцијата на личното оддавање почит, па и соочување со јавноста, со честитки преку Фејсбук и другите социјални мрежи и медиумите, повторно, е само одраз на нивното суштинско неразбирање на основите и функционирањето на политиката.

И во оваа нова грда „приказна“, воопшто и не е толку важен празникот којшто многумина го идентификуваат со историското ВМРО односно со денот на неговото основање во далечната 1893 година. Иако станува збор за јубилеј 130 години од основањето на Организацијата, чествувањето, некако по правило, и логично, главно се центрира пред споменикот на великанот на тоа ВМРО – Гоце Делчев како некаква општоприфатена икона на таа револуционерна организација.

И сега секој нормален ќе се праша: па што имаат против него овие политикантски шарлатани? Што овие простаци би имале да му забележат на ликот и делото на Делчев за така да го игнорираат? А често, по правило, се колнат во неговото име? Знаат ли нешто повеќе за него од нас, нешто што ја заматува неговата слика кај македонскиот народ? Или овие петпарачки политиканти навистина веруваат во приказните на „професорон“ за „заедничката историја“? Може ли да се толку глупави?! Или пак им е страв од реакциите на источниот сосед, што ги претставува како уште поглупави?

Не знаеме, но веќе ни станува јасно дека и самото спомнување на името на Делчев почнува да им претставува трн во окото и речиси непремостлива пречка во сите нивни „евроинтеграциски“ ујдурми. Или, можеби, планираат во иднина да воведат пракса на одење во Брисел и положуваат цвеќе пред Моне и седиштето на ЕУ? Што исто така не би било неочекувано од вакви ликови, нели.

Или мислат дека народот нема попаметна работа на празници па ги чека нив да се појават и да ги исвиркува и руга? Зашто оваа иста криенка власта ја прави веќе година дена во континуитет, во сите прилики и на сите државни празници. Дали тоа ќе биде скопското кале, Могилата во Прилеп или друго место, нивниот страв од народната реакција е огромен. Еднаков на нивната глупост!

Од друга страна, дали таквото нивно однесување јасно и гласно говори дијаметрално спротивно од сите нивни партиски објави за поддршката од огромното мнозинство граѓани за нивните политики? Се разбира, зашто ако тоа „огромно мнозинство“ што ги поддржува никаде го нема, а тие се приморани да се кријат од „малцинството“ што не ги оправдува нивните регресивни постапки, каде е тогаш вистината? И дали ваквата пракса говори за близината на почетокот на крајот, на спуштањето на завесата на оваа претстава за оваа екипа лакрдијаши?

Веројатно, и не само оваа „епизода“ туку цела една низа немили настани и дегутантно однесување на државната врхушка упатува токму на тоа: веќе им е сеедно што и како мисли македонскиот граѓанин за нив бидејќи нивната „кукавичка песна“ е одамна испеана. Всушност, веќе од почетокот на 2018 година евидентно беше дека македонската „успешна“ приказна се претвора во своја спротивност, дека (и) оваа политикантска елита е само уште една трагична епизода полна со огромен, неисцрпен резервоар на „државнички“ идиотизми.

Па затоа, можеби, и последново не изненадува односно речито потврдува дека овие и не се, ниту некогаш биле – политичари. Тие се само збирштина провинцијалци здружени во коруптивно-криминална банда насочена кон ограбување на државата.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини