„ДЕНОТ НА ЦРВОТ“ Е РОМАН НА ГОДИНАТА Романот произлегол од тежок период во животот на Јованоска
Романот е издаден во 2021 година од издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“.
„Денот на црвот“ од авторката Симона Јовановска ја доби наградата „Роман на годината“, која што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е издаден во 2021 година од издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“.
Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Завршила Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“, а во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.
„Дејството во романот е поставено како на замрзнато платно на кое со нежен или груб допир се оживува следниот чин. А секој нареден чин ни открива една нова животна приказна која нѐ соочува со тешки животни прашања и одлуки пред кои се исправени ликовите од сликата“, се наведува во рецензијата на романот што ја објави неодамна Плусинфо.
Лауреатката Јованоска посочи дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, но како што рече, романот никогаш не е напишан за оваа цел, туку како што посочи, е пишуван во еден исклучително специфичен период.
– Многу сум среќна, возбудена, многу ја сакав оваа награда. Нема да бидам скромна, да кажам дека не ја сакав, никогаш овој роман не го напишав со таа цел, за да добијам што било. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата. На кратко, станав мајка по втор пат, се најдов дома затворена и под еден таков исклучително тежок период, кој што во сите други ситуации можеби би ме бутнал, кај мене делуваше обратно. Ме поттикна, ми беше „тригер“ за да напишам нешто, и на тој начин да си помогнам на себе си – рече лауреатката на денешната прес-конференција.
Напомена дека наградата ќе ` претставува дополнителна мотивација за во иднина.
– Мило ми е што од еден таков тежок период, за мене излезе една ваква малa или голема победа, која дополнитлено во иднина би ми претставувалa мотивација плус да правам подобро. Никогаш нема да пишувам наменски или за да се допаднам на кого било. Секогаш ќе пишувам за да држам до себе, и да останам своја – додаде Јованоска.
За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг оваа година влегоа четири романи и тоа „Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер).
Оваа година за наградата се натпреваруваа 39 романи.
За победничкиот роман одлучуваше жири-комисијата во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.
Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.