ДЕНЕСКА СТАСУВААТ 110.612 ДОЗИ ОД „ФАЈЗЕР“ До Нова година ќе стасаат уште 100.000
Прва доза вакцина вчера примиле 2.969 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.099 граѓани. Вкупно се аплицирани 1.474.507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697.847 граѓани.
Денеска ќе пристигнат 110.612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои се купени преку механизмот Ковакс.
До крајот на годината, преку овој механизам е најавена испорака на уште 100.000 вакцини од истиот производител.
„Пристигнатите вакцини, за кои има голем интерес кај населението, а кои се препорачуваат за имунизација и на деца над 12 години, ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум земјата со цел да се обезбеди непречен процес на вакцинација. Освен на вакциналните пунктови, вакцинацијата во нашата земја се одвива и теренски“, соопшти Министерството за здравство.
Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 776.659 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.969 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.099 граѓани. Вкупно се аплицирани 1.474.507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697.847 граѓани.
Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните се вакцинираат без закажан термин во постоечките вакцинални пунктови низ земјата. Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
„Вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат единствен начин да се победи пандемијата. Само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход“, порачуваат од Министерството за здравство.