ДЕНЕСКА ПРИСТИГААТ УШТЕ ТРОЈЦА ПОВРЕДЕНИ ВО АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА Неделава и телата на загинатите ќе бидат пренесени во земјава

Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст.

113

Уште тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија се очекува да пристигнат денеска, откако двајца во саботата беа хоспитализирани во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Тиек као што е соопштено од софиската болница, ќе бидат пуштени попладне. Се работи за маж и неговата сопруга и за млада девојка, кои ќе бидат префрлени во земјава.






Според официјалното соопштение од болницата, пациентите се во стабилна и добра општа состојба.

Во моментов на Клиниката за изгореници и пластична хирургија има четири пациенти кои ноќта ја поминале според очекувањата на медицинскиот персонал во болницата и без промени од вчера.

Двајцата пациенти кои во саботата пристигнаа во земјава се во добра состојба. Пациентот кој е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија закрепнува и веќе се движи. Тој имаше две успешни операции – на потколеницата и на ’рбетот.

Како што информираше Министерството за здравство, двајцата се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија при која преживеаја седуммина од вкупно 52 патници.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера изјави дека се очекува останките од телата на починатите да пристигнат оваа недела.

– Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции, дека може да биде еден ден потоа, до крајот на неделата. Така што, не можеме точно да знаеме бидејќи сето тоа ќе зависи како во лабораторија ќе се одвива процесот на идентификација преку ДНК материјалите, изјави Османи.

Во несреќата што се случи рано изутрина на 23 ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.

Поврзани содржини