Денеска ќе се одлучува дали ќе има дневен престој во училиштата

172

Комисијата за заразни болести утринава ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика. Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Одлуката, како што соопшти вчера директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата, зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.






Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот – појасни Филипче.

Исјановски вчера не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, доколку епидемиплошката состојба ескалира, следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Поврзани содржини