ДЕНЕСКА ЌЕ „ПРЕСЕЧЕ“ Алтернатива вечерва ќе ја носи дефинитивната одлука

299

Дефинитивната одлука дали Алтернатива ќе биде дел од Владата ќе биде донесена вечер на седница на највисокото партиско тело – централен совет. На средбата закажана за вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово ќе биде донесена конечна одлука, а повеќе информации ќе има на прес-конференција по завршувањето на седницата.

На состанокот на централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на партискиот лидер Африм Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници. 






По последната средба што се одржа во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.

 

„На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт. Разговорите, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон  граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните“, информираа во соопштение од Владата.

Дека преговорите за влез на Алтернатива во Владата се при крај синоќа потврди и министерот за економија и кадар од ДУИ Крешник Бектеши, кој најави дека најверојатно наредната недела лидерите на политичките партии ќе го објават и договорот што се однесува до распределба на ресори.

Поврзани содржини