ДЕНЕСКА ЌЕ ЛЕГНЕ ДЕЛ ОД ДОЛГОТ НА ГРАДОТ Автобусите се вратија на линиите 19 и 20
Вчера претставници на двата приватни превозника имале средба во Град Скопје каде што им било ветено дека денеска ќе им биде исплатен дел од долгот за месец март, додека од следната недела ќе почне редовната исплата на авансите за гориво.
Нема да има застој во јавниот превоз во Скопје. Денеска во сообраќај се вклучени скоро сите автобуски на линиите 19 и 20, а од утре превозот ќе се нормализира, најавуваат приватните превозници, откако вчера од Град Скопје им било ветено дека дел од долгот за месец март денеска ќе им биде исплатен, а остатокот ќе се плати по ребалансот на градскиот буџет.
– Вчера направивме напор да обезбедиме гориво за дел од автобусите кои сообраќаат на линиите 19 и 20 и од денеска најголемиот дел од автобусите веќе сообраќаат за да нема застој во превозот и за овие граѓани – вели Милорад Димитровски директор на „Макекспрес“.
Вчера претставници на двата приватни превозника имале средба во Град Скопје каде што им било ветено дека денеска ќе им биде исплатен дел од долгот за месец март, додека од следната недела ќе почне редовната исплата на авансите за гориво.
– Очекуваме денеска по 12 часот да имаме дел од парите, а колку тие ќе бидат ќе зависи од тоа колку ќе реши Градот. Ни беше ветено и дека од следната недела редовно ќе се врши авансната исплата за гориво, но ќе видиме како ќе течат работите – вели Димитриевски.
Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ се надева дека половина од фактурата за март која изнесува 25 милиони денари ќе биде платена денеска.
– Според она што го договоривме вчера, остатокот од фактурите за март, април и за мај ќе се исплаќаат според финансиските можности на Градот, а целосно ќе се покријат со ребалансот на буџетот кој треба да се донесе на крајот на месецов – вели Јовановски.
Долгот на Град Скопје кон двете претпријатие изнесува 85 милиони денари од кои кон „Слобода превоз“ се 55 милиони денари за три месеци и кон „Макекспрес“ вкупно 30 милиони денари.
Освен редовното исплатување на фактурите, двете претпријатија вчера побарале и ревидирање на појдовните цени во пресметката за поминат километар.
– Веќе подолг период имаме проблем со зголемените трошоци кои влегуваат во основните пресметки за поминат километар. Бараме редовно да се ревидираат цените на параметрите кои влегуваат во тој километар, бидејќи сега само промената на цената на горивото се менува, а цените на останатите параметри се останати на нивото од 2017 година кога е потпишан првиот договор со приватните превозници. Само за пример, моторното масло како еден од параметрите тогаш е прифатено со цена од 90 денари, а денешната цена е 230 денари. Промена на цените од 50 до 100 отсто има и кај другите параметри, па логично е и тие трошоци да се пресметуваат по реална цена, а не по цена од 2017 година. Дополнително, треба да се направи и разлика во пресметките кај полесните и потешките линии каде што трошоците за амортизација и за гориво се различни – вели Јовановски.
Според договорот од 2017 година, приватните јавни превозници добиваат по 1 евро за поминат километар.
Превозниците се надеваат и на субвенции за да можат да инвестираат во нови превозни средства и да ги активираат веќе набавените 20 еколошки автобуси. Тие очекуваат постепено да се решат и проблемите со преоптоварените линии, но сето тоа треба да се направи со нови разговори со Градот.
Моментално, велат немаат проблем со кадарот, но се свесни дека поради ниските плати мал е бројот на млади кои сакаат да бидат возачи во јавен превоз.
– Проблемот со недостиг на возачи го премостуваме со возачите кои ги имаме на располагање, но факт е дека младите не сакаат да работат за ниски плати олку одговорна работа, а дел од сегашниот кадар размислува за заминување во странство – додава Јовановски.