ДЕНАРОТ Е СТАБИЛЕН И ЌЕ ОСТАНЕ ТАКОВ Гувернерката тврди дека има механизми за одржување на неговата стабилност
Според гувернерката девизните резерви се на ниво од околу 3,6 милијарди евра што обезбедува стабилност на денарот во однос на еврото.
Девизните резерви коишто се клучниот фактор од којшто зависи стабилноста на денарот во однос на еврото се одржуваат на историски највисоко ниво од 3,6 милијарди евра. Тие се повеќе од двојно повисоки отколку во текот на глобалната финансиска криза во 2008/2009 година, а Народната банка располага и со дополнителни механизми за поддршка на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута. Денарот со години е стабилен и ќе биде стабилен и во времето пред нас, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во госртување на телевизијата Алсат-М.
Гувернерката реагираше на шпекулациите поврзани со стабилноста на денарот.
– Во 2008 и 2009 година кога се соочивме со глобалната финансиска криза, тогаш нивото на девизните резерви беше речиси половина од тоа што денеска го имаме. Самото по себе покажува дека капацитетот на државата за справување со какви било шокови, вклучително и шпекулации со кои се соочуваме вообичаено во одредени кризни ситуации е огромен за да се справи со вакви предизвици. Девизните резерви се на ниво од околу 3,6 милијарди евра, коешто е повеќе од двојно повисоко од она што го имавме во 2008 година кога тие изнесуваа околу 1,5 милијарди евра. Споредено како процент од бруто домашниот производ, тогаш изнесуваа околу 23 отсто од БДП, а сега се одржуваат на нивото од 30 отсто – рече Ангеловска-Бежоска.
Таа потсети дека на Народната банка на располагање ѝ се и дополнителни механизми од страна на Европската централна банка – репо-линијата или едноставно кажано, пристапот до девизна ликвидност, доколку имаме потреба од тоа.
– За првпат, оваа репо-линија ни беше обезбедена минатата година. Тоа беше на иницијатива на нашата централна банка, којашто беше поддржана од страна и на другите земји во Западен Балкан и заедно настапивме со барање кон Европската централна банка и навистина се направи голем исчекор во таа насока, токму за поддршка на девизните резерви и на стабилноста на домашната валута. Ние досега немаме користено средства од оваа репо-линија, што е и дополнителна потврда за соодветното и комфорно ниво на девизните резерви – рече гувернерката.